Линкови за пристапност

САД ги укинуваат санкциите кон Турција, целосен прекин на офанзивата врз курдите во Сирија


Санкциите ќе бидат тргнати, освен ако не се случи нешто со кое нема да сме среќни, рече Трамп во обраќање во Белата куќа

Претседателот Доналд Трамп објави дека САД ќе ги прекинат санкциите кон Турција, откако добиле гаранција од Анкара дека офанзивата против Курдите на североистокот од Сирија нема да продолжи.

„Санкциите ќе бидат тргнати, освен ако не се случи нешто со кое нема да сме среќни“, рече Трамп во обраќање во Белата куќа.


Турција вчера соопшти дека нема потреба за продолжување на офанзивата против сириските Курди, зашто добиле известување од САД дека повлекувањето на Курдите од пограничниот појас е комплетирано.

Одлуката на Турција да не ја продолжи офанзивата после петдневниот прекин на борбите, воедно доаѓа и после средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот лидер Владимир Путин. На состанокот била договорена заедничка турско-руска контрола на пограничниот појас во Сирија.

Руски воени единици веќе се распоредиле во Кобане, пограничниот град меѓу Турција и Сирија. Според договореното, курдските борци ќе бидат повлечени на 30 километри на сириска територија долж целата турско-сириска граница од 440 километри.

Сириските Курди се бореа на страната на САД за време на борбите против Исламска држава. Сепак, по повлекувањето на САД од регионот, Турција почна напад врз курдските сили, кои ги смета за терористи.

XS
SM
MD
LG