Линкови за пристапност

Анализа на факултетот за туризам: За две децении загуби од три милијарди долари во охридскиот регион


Анализа на факултетот за туризам: За две децении загуби од три милијарди долари во охридскиот туристички сектор

Во периодот од 2000 до 2017 година, туристичкиот сектор изгубил три милијарди долари, наспроти генерираните две милијарди, се вели во анализа на факултетот

Покрај приходите кои Охрид на годишно ниво ги остварува од туризмот, а кои се проценуваат помеѓу 150 и 170 милиони долари, најголемиот туристички центар во Македонија, во последните речиси две децении претрпел и огромни загуби. Анализата за влијанието на туризмот врз локалната економија која ја изработи Факултетот за туризам, покажува дека во периодот од 2000 до 2017 година по овој основ, туристичкиот сектор изгубил три милијарди долари, наспроти генерираните две милијарди.

Требало да имаме 5 милијарди за тој период, а сме имале 2 милијарди приходи. Во овој период, од 2000 до 2017 имаме и околу 11 милиони ноќевања загуба
Александар Трајков, професор


„Тоа е една сериозна сума, ако се земат во предвид тука и оние индиректни ефекти или обртот кој може да настане за националната економија. Требало да имаме 5 милијарди за тој период, а сме имале 2 милијарди приходи. Во овој период, од 2000 до 2017 имаме и околу 11 милиони ноќевања загуба. Ние како основ ги зедовме туристичките ноќевања кога ги пресметувавме вкупните приходи“, вели професорот Александар Трајков, учесник во истражувањето.

Професорите велат дека некои од причините за ваквата поразителна статистикa треба да се гледаат во неекономските фактори.

На просторот на Охрид се водеше и една анти-пропаганда, која често пати делуваше да дојде до одредени дубиози
Науме Мариноски, професор


„Имавме политички превирања во Македонија. Имавме дури и појави на воени судири на овој простор. Така да сите тие компоненти укажуваат на тоа дека можеше многу повеќе да се направи, ако отсуствуваа овие фактори, кои се од екстерен карактер. На просторот на Охрид се водеше и една анти-пропаганда, која често пати делуваше да дојде до одредени дубиози“, вели Науме Мариноски, професор на факултетот за туризам во Охрид.

Но, хотелиерите не се согласни целосно со овие тврдења. Велат дека охридскиот туризам бележи континуиран напредок и оти за регионот има се поголем интерес од нови пазари.

Не би се сложил. Од април веќе капацитетите се навистина сериозно закупени и има голем интерес и од домашните и странските туристи
Љупчо Цветаноски, менаџер на хотел


„Лично јас не би се сложил. Од април веќе капацитетите се навистина сериозно закупени и има голем интерес и од домашните и странските туристи. Тоа истражување треба да се направи во неколку квартали. Треба да се земе еден квартал јануари-април, бидејќи тука има пад, и потоа од април и понатака, да се направи едно истражување во сместувачките капацитети и ќе се види дека има зголемување“, вели Љупчо Цветаноски-менаџер на хотел.

Професорот, Мариноски вели дека овие резултати не значат дека хотелиерите не се ангажирале доволно или дека туристичката политика не била добро поставена. Се предлагаат мерки, како што е зголемување на субвенциите за привлекување на повеќе туристи, како домашни така и странски. Според истражувањата, туризмот во моментот учествува со само 1,4% во вкупниот БДП иако очекувањата се дека годинава, ќе има пораст на странските туристи за 12,5% , а на домашните за 3%. Ваквите показатели до кои дошле ги темелеле на релевантни извори. Биле употребени податоци на Државниот завод за статистика, ЕУРОСТАТ, но и податоци на светската туристичка организација.

XS
SM
MD
LG