Линкови за пристапност

Америка како позитивна алтернатива на авторитаризмот – Што ќе порача Трамп од говорницата во ОН?


Според информации од високи претставници од администрацијата, за време на обраќањето на отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации, се очекува претседателот на САД да го нагласи „американското лидерство“ во светот

Американскиот претседател Доналд Трамп долго време е против глобализмот и против мултилатералноста, кои се основата на Обединетите нации. Сепак, како лидер на земјата домаќин на светската организација, Трамп е обврзан секоја година да присуствува и да одржи говор на Генералното собрание на ОН. Годинава тоа го прави по трет пат откако е избран за претседател на САД.

Во најавата на говорот, Трамп рече дека ќе зборува за Иран, тема што го привлекува вниманието на повеќето светки лидери во екот на растечките тензии меѓу Западот и Исламската република.


Во вчерашната заедничка изјава, Британија, Франција и Германија посочија дека Иран е одговорен за нападот на саудиските нафтени постројки. На тој начин тие се доближија до страна на САД, кои како одговор од нападите, воведоа нови економски санкции против Иран.

Официјални претставници на САД и на Иран соопштија дека лидерите на двете земји нема да се сретнат за време на сесијата во ОН. Сепак, некои од дипломатите не ја исклучуваат можноста за да дојде до средба со која би се намалила тензичната реторика.

Американско лидерство

Според информации од високи претставници од администрацијата, за време на обраќањето се очекува претседателот на САД да го нагласи „американското лидерство“ и да потенцира дека „САД е позитивна алтернатива за авторитаризмот“.


За време на ланското обраќање, тој предизвика смеа кај присутните лидери откако рече дека неговата администрација „постигнала повеќе од речиси секоја друга администрација во историјата на САД“.

Трамп ќе има и неколку билатерални средби со дел од присутните лидери, а ќе присуствува најмалку на еден дипломатски прием и ручек организиран од Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На првото официјално појавување, Трамп во понеделникот се обрати на настан „Глобален повик за заштита на религиските слободи во Обединетите нации“, каде беше присутен и потпретседателот Мајк Пенс.

Трамп рече дека заштитата на религиските слободи е една од највисоките приоритети на неговата администрација.

Воедно, претседателот рече и дека САД „секогаш ќе бидат гласот на жртвите од религиски прогон“, иако кон неговата администрација се упатени критики дека ја затвора вратата на барателите на азил. „Без оглед каде и да одите, вие секогаш имате место во САД“, рече Трамп.

Во понеделникот најголемо внимание во календарот на ОН предизвика Самитот за акција против климатските промени, на кој Трамп кусо се појави.

Верувам во чисти воздух и вода. Многу едноставно. Ние го имаме најчистиот воздух. Ние ја имаме најчистата вода, почиста е од кога било претходно во нашата земја
Доналд Трамп


Претседателот таму беше присутен петнаесетина минути и не се обрати. Ги ислуша обраќањата само на индискиот премиер Нарендра Моди и на германската канцеларка Ангела Меркел.

Запрашан подоцна зошто присуствувал на средбата, Трамп одговори: „Верувам во чисти воздух и вода. Многу едноставно. Ние го имаме најчистиот воздух. Ние ја имаме најчистата вода, почиста е од кога било претходно во нашата земја“.

Трамп не го следеше обраќањето на младата активистка Грета Тунберг од Шведска. Таа го отвори самитот со критика кон светските лидери дека разговараат за пари и бајки за економски напредок, додека светот се соочува со масовно исчезнување.


Во предвечерието на Генералното собрание, Трамп се сретна и со пакистанскиот премиер, Имран Кан. После оваа средба, одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на САД рече дека е подготвен за посредува меѓу Пакистан и Индија да го решат територијалниот проблем со областа Кашмир.

На маргините на Генералното собрание, Трамп се сретна и со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, со кого разговарале за следните чекори за намалување на тензиите на корејскиот полуостров предизвикани од нуклеарната програма на Пјонгјанг.

XS
SM
MD
LG