Линкови за пристапност

Трамп со прст кон Путин: Не ни се мешајте во изборите


Американскиот и рускиот претседател се сретнаа на маргините на Самитот на Г20 во Осака, Јапонија

Претседателот Доналд Трамп побара од рускиот претседател Владимир Путин да не се меша во изборите во САД. Двајцата се сретнаа на самитот Г20 што се одржува во Осака, Јапонија.

Претседателе, не ни се мешајте во изборите, повтори Трамп за време на прес-конференцијата и посочи со прст кон Путин.

Тоа беше нивна прва средба откако специјалниот советник Роберт Мулер го објави извештајот од истрагата во која се бараше евентуална поврзаност меѓу кампањата на Трамп и Русија во изборната 2016 година во САД.

Според соопштението од Белата куќа, Трамп и Путин зборувале за односите меѓу двете држави и се согласиле да продолжат со дискусии за нов модел за контрола на оружјето, а во кој би требало да се вклучи и Кина. Двајцата претседатели разговарале и за ситуацијата во Иран, Сирија, Венецуела и Украина.

На Самитот во Осака, Трамп се сретна и со јапонскиот премиер Шинзо Абе, откако имаше куси средби и со индискиот премиер Нарендра Моди и со германската канцеларка Ангела Меркел.

Трамп истакна дека со Абе ќе дискутира за воени теми. Тој неодамна го критикуваше американско-јапонскиот договор за одбрана, што датира уште од крајот на Втората светска војна.

XS
SM
MD
LG