Претседателот Трамп и републиканците во Конгресот најавија сопствена истрага насочена против тие што обвинуваа дека во неговата претседателска кампања во 2016 година имало заговор со Русија за мешање во претседателските избори.
Откако истрагата на советникот Роберт Мулер покажа дека ниту Трамп, ниту кој било од неговата кампања имал удел во евентуалното руско мешање, претседателот обвини дека многумина постапиле предавнички против него и против земјата. Трамп не посочи кои се тие лица или групи, но најави дека ќе има истрага за нивните активности.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, пак, впери прст кон демократите и кон дел од медиумите, укажувајќи дека тие им должат извинување на претседателот и на американскиот народ за упатените обвинувања кон Трамп за време на истрагата.
Извештајот на специјалниот советник Роберт Мулер дојде после 22-месечна истрага по наводите дека кампањата на Трамп работела заедно со Русија за влијание на изборите во корист на Трамп.
Главниот обвинител Вилијам Бар во неделата го објави резимето од извештајот на Мулер. На прашањето за тоа дали Трамп се обидел да ја попречи правдата со мешање или со обид да се измести од колосек истрагата на Мулер, Бар кажа: "Извештајот не заклучува дека претседателот извршил криминал, но исто така не го ослободува".
"Истрагата на Специјалниот советник не најде дека кампањата на Трамп или кој било поврзан со неа координирал ...со руската влада во нејзините активности на мешање во изборите," стои во резимето на Бар.
Бар кажа дека тоа е заклучокот на извештајот и покрај тоа што тој вели дека имало "повеќе понуди од поединци поврзани со Русија да помогнат на кампањата на Трамп."