Со артилериска стрелба и со церемонијално поставување венец на гробот на незнајниот јунак, денеска на воените гробишта во Арлингтон, во близина на Вашингтон, беше одбележан Националниот ден посветен на сите загинати војници на САД во досегашните војни.
Претседателот Доналд Трамп го постави венецот во присуство на неговата сопруга Меланија, а на церемонијата присуствуваа и потпретседателот Мајк Пенс, како и секретарот за одбрана Марк Еспер.
За разлика од минатогодишните одбележувања, церемонијата помина без обраќање од претседателот, а дел од присутните офицери носеа и заштитни маски на лицата. Граѓаните кои дојдоа во живо да го следат настанот, се држеа до правилото за одржување меѓусебно растојание.
Во чест на загинатите поворка од моторџии од разни делови од САД помина низ алејата во која почиваат стотици илјади американски војници, мажи и жени.
Денот посветен на паднатите херои се одбележува во последниот понеделник од мај.
Во текот на викендот знамињата низ целата земја беа на половина копје, по повод празникот, но и во чест на речиси 100.000 американски граѓани кои починаа од коронавирусот.
Според Одделот за ветерани на САД, од вирусот починале повеќе од 1.000 поранешни припадници на американските воени структури.
Празникот неофицијално се смета и за почеток на летните одмори во САД. Но, во делови од земјата и натаму се активни мерките за физичко растојание, а откажани се и бројни летови.