Линкови за пристапност

Историски чекор на Трамп во Северна Кореја: Ракување со Ким за обнова на „нуклеарните“ разговори


Доналд Трамп стана првиот американски претседател што стапнал на севернокорејска територија, откако во неделата имаше погранична средба со Ким Џонг Ун

Многу продуктивна, е оценката на претседателот Доналд Трамп за средбата што ја имаше со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и истакна дека двете земји имаат интерес „да се најде решение“.

„Го нагласив прогресот што ја чека Северна Кореја, откако ќе се среди целава работа“, рече Трамп за време на посетата на американските воени сили во базата во Јужна Кореја.

Трамп во неколку наврати го повтори потенцијалот за економски бенефити што би можела да ги добие Северна Кореја, доколку се согласи на договор за нејзината нуклеарна програма.

Овие изјави дојдоа откако Трамп во неделата стана првиот претседател што стапнал на територија на Северна Кореја. Тој ја премина неутралната погранична зона меѓу двете Кореи, се ракуваше со Ким, кој го пречека од другата страна и двајцата претседатели заедно прошетаа низ севернокорејска територија, по што заедно се вратија назад во Јужна Кореја.

„Драго ми е што се гледаме“, му рече Ким на Трамп и додаде: „Никогаш не очекував дека ќе се видиме на ова место“.

„Преминувањето на линијата ми беше голема чест“, рече Трамп кој го покани Ким да дојде во САД на нова средба.

Средбата се претвори во мини-самит меѓу двајцата претседатели кој траеше педесетина минути. Како што истакна Трамп, двајцата се согласиле разговорите да продолжат на ниво на работни тимови.

„Ќе се сретнат во следните неколку недели, ќе го почнат процесот и ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп и додаде дека брзината не е битна, туку дека е битно да се постигне сеопфатен и добар договор“.

Ова беше трета средба меѓу Трамп и Ким. Последната се одржа во Виетнам во февруари, кога не беше постигнат договор.

Меѓу САД и Северна Кореја и натаму има големи разлики во ставовите. Една од пречките е што Вашингтон и Пјонгјанг сè уште немаат прецизирано што значи идејата за денуклеаризација.

Во последните неколку недели Северна Кореја покажа поголемо незадоволство, поради тоа што САД одбиваат да ги намалат санкциите. Трамп, пак, инсистира на „голем договор“ со кој Северна Кореја ќе се согласи на целосно откажување од нуклеарното оружје, пред да почне спуштањето на санкциите.

Во јавните настапи после пограничната средба, ниту Трамп, ниту Ким не дадоа индикации за омекнување на нивните првични ставови.

XS
SM
MD
LG