Линкови за пристапност

Трамп во посета на Дејтон и Ел Пасо – градовите во кои беа убиени 31 лице


Претседателот патува заедно со сопругата Меланија, а во план се средби со лицата што први одговориле на нападите, како и со ужалените фамилии и преживеаните

Претседателот Доналд Трамп денеска ги посетува Дејтон и Ел Пасо, двата града во кои минатиот викенд во одделни напади беа убиени 31 лице.

Од Белата куќа соопштија дека посетата на Трамп ќе биде како досегашните слични посети што Трамп и неговата сопруга Меланија ги имаа на места каде се случија масовни пукања. Во план е средба со лицата што први одговориле на нападот, како и со ужалените фамилии и преживеаните.

„Сакаме да тажиме и да се помолиме заедно со тие заедници и искрено да им се заблагодариме на тие што први одговориле и ги ризикувале своите животи за да го совладаат напаѓачот“, изјави портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли.

Сепак, според коментари на некои политичари, постои амбивалентност за посетата на Трамп поради, како што се вели, неговата антиимигрантска реторика.

Градоначалничката на Дејтон, Нан Вејли, која е од редовите на демократите истакна дека иако била разочарана од изјавите на Трамп после пукањето, сепак му посакува добредојде на Претседателот со надеж дека неговата посета би била од помош за заедницата.

Во Ел Пасо, пак, некои од политичарите изјавија дека претседателот не е добредојден. Бет О’Рурк, демократски кандидат за изборите во 2020 година, кој порано го претставуваше Ел Пасо во Конгресот, рече дека изјавите на Трамп довеле до крвавиот настан во саботата. Тој воедно го повика Трамп да ја откаже посетата на градот.

Сепак, градоначалникот на Ел Пасо, Де Марго, рече дека Трамп е добредојден во градот. „Тој е претседател на САД и ќе ги исполнам своите обврски како градоначалник да се сретнам со претседателот и да разговарам со него за потребите на нашата заедница“, рече Де Марго.

XS
SM
MD
LG