САД се најдобро подготвена земја во светот за справување со коронавирусот, рече претседателот Доналд Трамп на вечерашната прес-конференција во Вашингтон. Тој истакна дека ризикот за САД е мал и дека земјата е подготвена на сè, за да се справи со евентуално масовно ширење на заразата.
„Ризикот за американските граѓани е мал. Ги имаме најдобрите експерти во светот. Подготвени сме да се адаптираме и да направиме сè што е неопходно, ако заразата се прошири “, рече претседателот на САД.
Трамп го назначи потпретседателот Мајк Пенс да ги води и координира федералните служби во спречувањето на заразата.
Ризикот за американските граѓани е мал. Ги имаме најдобрите експерти во светот. Подготвени сме да се адаптираме и да направиме сè што е неопходно, ако заразата се прошириДоналд Трамп
Трамп воедно истакна дека побарале од Конгресот да бидат одобрени 2,5 милијарди долари за борба против вирусот и додаде дека е можно тие средства да бидат и повисоки.
Претседателот соопшти дека во САД се регистрирани 15 лица заразени од вирусот и дека дел од нив веќе се опоравуваат. Изрази надеж дека земјата нема да се соочи со заразата како што се случува во другите делови од светот.
Воедно, Трамп им порача на Американците да не се крева паника и да водат поголема сметка за себе и за своите семејства водејќи хигиена.
На прес-конференцијата беа претставници и од службите во САД за справување со болести.
„Нашата стратегија за агресивно справување е причина што засега бројот на случаи е мал. Но, очекуваме уште случаи. Траекторијата на тоа што ќе следи во следните недели или месеци е непредвидлива“, рече Ен Шукат, заменик директорка на националниот Центар за превенција и контрола на болести.
На прес-конференцијата, меѓу другото, претставници од медицинските федерални служби истакнаа дека интензивно се работи на развојот на вакцината против коронавирусот и дека после нејзиното евентуално откривање, таа би била ставена во употреба најмалку после осум месеци.
Низ светот од коронавирусот се заболени повеќе од 80.000 лица, а починаа речиси 3.000. Во Северна Македонија, засега е регистриран еден случај.