Линкови за пристапност

Трендафил Ивановски: Потребен ни е јавен обвинител што нема да загриза од отровното јаболко


СЈО, онака какво што беше обмислено, да не се посрамотеше со некои свои последни активности кои ги имаше, беше токму тој орган кој требаше да ги извади работите од калта, вели поранешниот уставен судија во интервју за Гласот на Америка.

Што мислите за предлозите околу новиот закон за јавно обвинителство кој треба да биде донесен и дали СЈО е добро да биде инкорпорирано во постоечкото јавно обвинителство?

„Јавното обвинителство како самостоен државен орган за кривично гонење, објективно веќе е дефиниран со самиот Устав. Според тоа дали се зборува за нов закон, сето тоа е илузорно, имајќи во предвид како се одвива сета таа расправа во работните групи и во изјавите на портпаролите. Само се заплеткува работата, бидејќи не се гледа суштината, туку се гледа само формата.

Суштината е да имаме јавно обвинителство, што ќе го гони криминалот, што ќе ја гони корупцијата и ќе одговара на функцијата што е утврдена. СЈО, онака какво што беше замислено, да не се посрамотеше со некои свои последни активности што ги имаше, беше токму тој орган кој требаше да ги извади работите од калта.

Но, после отпорот од опозицијата и неснаоѓањето на позицијата, дојдовме до ситуација да чекаме сламка за спас. Таа сламка за спас може да биде единствено политичката определба и желбата на државата сама да си ги решава проблемите, да не чека народот да ги решава нејзините проблеми и да се гони криминалот“.

Каков јавен обвинител е потребен?

„Јавен обвинител што е беспрекорен, чесен, одговорен и јавен обвинител кој нема да потпадне под влијание, односно нема да загриза од отровното јаболко. Потребен ни е човек кој е добар правник, којшто е одговорен и кој знае да ја врши својата функција“.

Ова е сериозна состојба каде ние веќе добиваме една Боки револуција или една рекет револуција

Што мислите за случајот „Рекет“ и што се крие во позадина на овој случај?

„Ова е сериозна состојба каде ние веќе добиваме една Боки револуција или една рекет револуција, каде што благодарение на однесувањето на поранешната опозиција, а и на сегашната опозиција, добивме едно непотребно однесување кои можат државата и понатаму да ја заглават.

Да очекуваме дека ќе се опаметат и дека криминалот и криминалците ќе бидат на местото што го заслужуваат, а не на другата страна од правото.

Сè додека не се разјасни уделот на специјалниот јавен обвинител, Јанева и сè додека овој рекет не се расчисти, статусот на СЈО е разнишан

Заслужува внимание и изјавата на портпаролот на Стејт департментот упатена до Заев и Мицковски, работата да ја сфатат сериозно инаку состојбата е сериозно во криза“.

Дали СЈО се уште има кредибилитет да носи одлуки после сите овие случувања?

„Како што се одвива работата после сето ова, кредибилитетот е битно нарушен. Има луѓе таму кои можат да продолжат, но сè додека не се разјасни уделот на специјалниот јавен обвинител, Јанева и сè додека овој рекет не се расчисти е разнишан тој статус и не ќе може да ја врши својата функција како што се очекуваше и како што народот очекуваше“.

XS
SM
MD
LG