Талибанците очекуваат дека до крајот на месецот ќе биде потпишан мировен договор со САД, во присуство на меѓународни медијатори, со што би се ставил крај на 18-годишната војна во Авганистан.
Абдул Салам Ханафи, висок член на талибанскиот преговарачки тим, во изјава за про-талибанска новинска агенција рекол дека двете страни се согласиле за церемонијата на потпишување на договорот да биде во Доха, Катар.
Според Ханафи, поканети се претставници од Советот за безбедност на Обединетите нации, од исламските земји, како и од Европската унија.
Како што изјавил талибанскиот лидер, веднаш после договорот, американската страна и авганистанската влада ќе ослободат 5.000 затвореници, а Талибанците ќе пуштат на слобода околу 1.000 лица.
Сепак, од страна на Вашингтон беше истакнато дека договор ќе биде постигнат само ако успее седумдневниот прекин на насилствата.
Официјални американски претставници велат дека е договореното примирје бргу ќе стапи на сила, но не спомнаа датум за мировен договор.