Сириските сили со поддршка од САД трансферираа припадници на ИСИЛ во Ирак, каде им беа предадени на тамошните власти. Акцијата беше спроведена пред почетокот на новата операција за чистење на последниот регион во Сирија што сè уште е под контрола на терористичката исламистичка организација.
Трансферот на припадниците од ИСИЛ доаѓа откако сириските демократски сили предводени од курдските единици успеаја да ја пробијат одбраната на исламистичката организација кај селото Багуз и да ослободат стотици цивили од заточеништво, меѓу кои и голем број жени и деца.
Сведоци тврдат дека виделе конвој од камиони натоварени со луѓе што ја напуштаат последната енклава на Исламистичката држава. Во најмалку два камиона се наоѓале припадници на ИСИЛ што се предале.
Курдските сили велат дека очекуваат ИСИЛ да биде целосно поразена до крајот на неделата.