Линкови за пристапност

Сопругата на Камчев за „Рекет“: Се плашев од Јанева, а Јовановски како да го водеше СЈО


Ана Камчева, сопругата на бизнисменот Орце Камчев пред судот сведочеше за случајот „Рекет“ и објасни на кој начин биле договарани средбите со Бојан Јовановски – Боки 13 и како му дала половина милион евра за да му се олесни положбата на нејзиниот сопруг во случајот „Империја“

СКОПЈЕ - Со црвен тефтер пред себе, Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев денеска се појави како сведок за случајот „Рекет“ во кои обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и екс-шефицата на СЈО Катица Јанева, а Зоран Милески Кичеец е осуден на три години затвор.

Камчева сведочеше за тоа како преку неа биле издејствувани пари за нејзиниот сопруг да добие повластен статус во случајот „Империја“ – да му се замени притворот со домашен, да му биде вратен пасошот и евентуално да стане заштитен сведок. Веднаш по неа, сведочеше Мирјана Бошкова, балагајник во „Орка Холдинг“ на Орце Камчев.


Во текот на сведочењето, Камчева го кажа истото што и нејзиниот сопруг – дека Катица Јанева никогаш лично не им побарала пари и дека братот на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, Васил Димишков, првично ѝ побарал два, четири или шест милиони.

„Бев многу вознемирена, не се срамам да признаам дека плачев. Не знаеше да ми ја каже финалната сума. Кратко потоа ме контактираше Милески и ми рече дека цената за помошта е 6 милиони евра“, рече таа.

Откако Камчев завршил во притвор, Камчева, според исказот, била повикана во канцеларијата на Боки 13, каде што бил присутен и синот на Катица Јанева, Лазар Јанев, на кој му било кажано да ја напушти просторијата.

„Тој ми зборуваше за некакви проекти, за некакви старечки домови и за фешн молови. Ми рече дека Орце ги одбил проектите и затоа завршил во притвор“, рече таа.

Таа рече дека Јовановски разговарал на телефон со Катица Јанева и располагал со информации за тоа кога Камчев ќе биде однесен во СЈО и кои ќе бидат сведоци во постапката, а Јанева му давала упатства и одобренија.

„Се плашев од Катица, но Бојан беше како специјален јавен обвинител, тој ги знаеше сите можни информации, кога ќе кажеше нешто, тоа се остваруваше“, рече таа.

Сопругата на Камчев и Боки 13 се сретнале многу пати, најчесто во неговата канцеларија во 1ТВ, еднаш во ресторанот „Сушико“ и два пати во неговиот дом.

На една од тие средби паднала и одлуката да му се исплатат парите на Јовановски. Сметководителката извадила 350.000 евра, а останатите 150.000 требало да ги исплати Милески. Мајката на Камчев, Ратка Камчева ѝ ги дала парите на Ана Камчева во несесер. Потоа Милески ја однел во домот на Јовановски во населбата Орман, каде бил и Сергеј Варошлија.


Јовановски ѝ рекол на Камчева дека после оваа исплата, тој ќе организира средба со специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Така и беше. Средбата беше организирана во домот на Бојан Јовановски. Кога пристигнавме со Милески, Катица веќе беше во домот на Јовановски. Се поздравивме со специјалната обвинителка и разговаравме за децата. Ми рече дека како мајка е благодарна на Јовановски што го вработил нејзиниот син Лазар Јанев, бидејќи доколку не бил Бојан, Лазар би завршил да работи на брод“, рече Камчева пред судот и додаде дека таа не била присутна кога на Јовановски му биле дадени останатите еден милион евра.

Ми рече дека како мајка е благодарна на Јовановски што го вработил нејзиниот син Лазар Јанев, бидејќи доколку не бил Бојан, Лазар би завршил да работи на брод
Ана Камчева


По сведочењето на Камчева, Јовановски почна да ја испрашува, но неколкупати беше предупреден од страна на судијката дека ќе го отстрани од судот.

„Ве толерирам, преќутувам, за да не дојде до сцена, ама вие двајца си правите муабет, наместо испитување“, им рече судијката Васка Николовска Масевска.

Јовановски ја праша Камчева дали нејзините средби со директорот на поранешната УБК Горан Николовски се одвивале во просториите на УБК, на што Камчева одговори „не“.

„Две средби имав, по мое барање беа надвор од МВР зошто таму беше сопругот на Фросина Ременски и ми беше страв дека сè ќе биде пренесено", рече таа.

„Дали се сеќавате на вечерите организирани во вашата велелепна палата“, „Дали се сеќавате дека подготвувавте посебни вечери за мене“, прашуваше Јовановски но судот не ги дозволуваше ваквите прашања.

„Па дајте осудете ме да не се мачиме. Ме деконцентрирате...", ѝ рече обвинетиот Јовановски на судијката.

Благајничката на семејството Камчеви, Мирјана Бошковска, пред судот рече дека во декември 2018 и февруари 2019 година вадела поголема сума пари од сметките на Ана Камчева, Ратка Камчева и Кристина Камчева. Во три наврати извадила 12 милиони, и уште двапати по пет милиони денари.

Со обезбедување дојдов во менувачницата и ги направив во евра. Влегов од задната врата. Парите ги средивме со спецификација по апоени. И си отидов пак од задната врата
Мирјана Бошковска, Благајничка на Камчеви


„Вадев поголема сума од приватната сметка на Ана Камчева и Ратка Камчева. Јас тие пари требаше да ги сменам во евра“, рече сведокот.

Таа кажа дека во февруари 2019 година извадила од сметките на сестрата и мајката на Камчеви, 18 и 21 милион денари.

„Со обезбедување дојдов во менувачницата и ги направив во евра. Влегов од задната врата. Парите ги средивме со спецификација по апоени. И си отидов пак од задната врата“, рече Бошковска и додаде дека не го видела ниту еднаш Јовановски, туку само снимките од броењето на парите.

Следното рочиште за „Рекет“ е закажано за 25 декември кога треба да сведочат Зоранчо Митровски, Томе Главчев и Влатко Бошков.

XS
SM
MD
LG