Линкови за пристапност

Последно испраќање во Студеничани: Скршени од болка, роднини, пријатели, сожители се збогуваа од загинатите


Втор најтежок ден во скопско Студеничани, после кобната вест за автобуската несреќа. Роднини, пријатели, сожители денеска се збогуваа за последен пат со дваесетмината загинати мажи, жени, деца од оваа општина

Втор најтежок ден во Студеничани, откако пред недела и пол стигна веста за кобната автобуска несреќа. Денеска беше мигот за последен поздрав од дваесетината мажи, жени, деца од оваа општина, кои беа меѓу 45-мината загинати во автобусот што никогаш не се врати.

Последно испраќање: Скршени од болка, роднините се збогуваа со загинатите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Жителите од Студеничани и од околните села, уште рано утрото почнаа да се собираат во центарот. Во исто време, пак, се миеја и улиците по кои се планираше да помине поворката со телата на загинатите.

Пред погребот, се одржа редовната петочна молитва. Централната џамија беше претесна да ги прими сите што дојдоа. Мислите и зборовите овојпат посветени на луѓето што веќе нема да се вратат.

После молитвата, исчекување.

Првите возила со телата на починатите се појавија околу 13.30 часот. Местото на собирот беше во дворот на фамилијата Исени, од каде има четворица загинати.

Роднините свесни дека тоа ќе биде последен пат за збогување од нивните блиски.

Само куса церемонија во дворот, колку да се испочитува адетот – починатиот да замине кон вечното живеалиште преку прагот од сопствената куќа.

На крај, поворката возила, како што пристигна, така и го напушти селото. Речиси сите заминаа кон локалните гробишта, кон последното испраќање на нивните сожители. Улиците на Студеничани попладнето останаа пусти како нем сведок за трагедијата што преполови цели фамилии.

XS
SM
MD
LG