Листата на родова ди сквалификација врз жените во политиката и во целото македонско општество е долга и длабоко вкоренета.
„Говор на омраза, навреди, клевети, сексизам“, опишува пратеничката Љатифе Шиковска, од СДСМ.
Тоа го укажаа повеќето политичарки од различни партии. Со нив разговаравме на оваа тема и без оглед на нивната партиска припадност, нивните приказни и ставови по ова прашање се слични.
„Многу често се навлегува во интимниот простор, многу ретко некој се занимава со политичките квалификации. Се навлегува во еден таков интимен простор, што можеби и затоа ние уште се бориме со рамноправност од 50/50“, вели Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ.
Се навлегува во еден таков интимен простор, што можеби и затоа ние уште се бориме со рамноправност од 50/50Бисера Костадиновска-Стојчевска, СДСМ
Истражување што неодамна го објави Националниот демократски институт покажа дека шест од десет жени во политиката, искусиле некаков вид насилство.
„Македонското општество го ценам како мизогино. Има еден премолчан однос или еден потсмешлив однос кон жените генерално“, истакнува Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во минатото сме биле сведоци на физички напади врз наши политичарки, но тоа што е најтешко и што тешко се препознава е психолошкото насилство“, укажува Арбана Пашоли од ДУИ.
Дисквалификациите доаѓаат најчесто од спротивниот политички табор. Не се мали случаите кога родовото непочитување потекнува и од сопствените партии.
Колку е навистина неприродно да имате очекувања да влезете во Европската унија, а да се служите со методите од Отоманската империја, да ја третирате жената буквално како предметИванка Василевска, ВМРО-ДПМНЕ
„Насилството врз жените во политиката не препознава политичка партија, не препознава политичка припадност или религија на која припаѓате или место од каде доаѓате“, посочува Бујаре Абази од Алијанса за Албанците
„Колега пратеник прозва наша колешка, пратеничка, дека немал намера со неа да реплицира само заради тоа што е жена“, опишува Драгица Ѓавочанова од СДСМ.
„Колку е навистина неприродно да имате очекувања да влезете во системот на западните вредности, да влезете во Европската унија, а да се служите со методите од Отоманската империја, да ја третирате жената буквално како предмет“, истакнува Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Дваесет и шест проценти од испитаничките во истражувањето, дури и не биле свесни дека инцидентите со кои се соочиле всушност биле форма на насилство.
Ние сме општество што толерира вербална агресија. Многу често знае да се каже ‘зошто посветуваш толку внимание, претеруваш, не е толку важно’. Но, и тоа како е важно!Арбана Пашоли, ДУИ
„Ние сме општество што толерира вербална агресија. Многу често знае да се каже ‘зошто посветуваш толку внимание, претеруваш, не е толку важно’. Но, и тоа како е важно. Во моментот кога не се чувствувате комотно и кога гледате дека одвнатре почнува организмот да реагира, тука треба да кажете ‘не, ова нема да го толерирам’“, апелира Арбана Пашоли од ДУИ.
„Досега се одеше на линија на помал отпор, со мисла дека ќе се заборави, дека ќе се поттурне. Многумина тоа го толкуваат како ‘ние ја навредуваме, таа ништо не презема, не прави’. Но, како тоа делува на нас, знаеме ние што тоа сме го претрпеле. Но, за жал, тоа секој сè уште го доживува индивидуално и се бори индивидуално“, објаснува Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ.
Нема институционални механизми што ќе ја заштитат доколку таа го пријави тоа насилствоМелинда Рашиди, Движење Беса.
„Сето тоа сум го надминувала. На некој начин за мене лично тоа било и мотивација и охрабрување дека сум на вистинскиот пат“, додава Љатифе Шиковска од СДСМ
Само две од десет политичарки пријавиле инцидент. Причината е: Страв и недоверба во институциите.
„Зошто жената не го пријавила тоа насилство, се должи на тоа дека таа чувствува заштита од некој, од институција. Нема институционални механизми што ќе ја заштитат доколку таа го пријави тоа насилство и дека формално, или неформално ќе биде заштитена на некој начин“, укажува Мелинда Рашиди од Движење Беса.
„Не се заштитени, ако така можам да кажам, без оглед дали имаат функции во Владата, партиски функции или функции на високо ниво“, посочува Бујаре Абази од Алијанса за Албанците
Сериозен проблем е немањето свест дека е извршено насилство.
„Тоа се луѓе што ги знаеме, што ги сретнуваме во нашиот секојдневен живот. Тоа се луѓе и што можеби не се свесни дека вршат одреден вид насилство врз другите“, смета Арбана Пашоли од ДУИ.
Во повеќето од половината пријавени случаи, сторителите не биле санкционирани од партиските раководства.
„Доколку во една политичка програма, немаме јасно зацртани родово сензитивни прашања коишто задираат насилство врз жени, едукација на жените, нивно учество во политиката, реалните проблеми во политиката, ние не сме ги постигнале ниту првите три чекори од оваа европерспектива којашто сакаме да ја постигнеме“, додава Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ
Често се премолчува за да се заштити сопственото семејство.
Молчењето не е решение. Обично велиме, кога еднаш ќе прерпиш насилство, тоа нема да престанеЉатифе Шиковска, СДСМ
„Жените коишто имаат лични примери, треба да се охрабрат и треба гласно да проговорат за тоа“, вели Билјана Аврамовска-Ѓореска од ЛДП.
„Молчењето не е решение. Обично велиме, кога еднаш ќе прерпиш насилство, тоа нема да престане“, додава Љатифе Шиковска од СДСМ.
Општеството има шанса да го надрасне проблемот. Рецептот се еднакви можности за вработување и напредно образование.
„Мора жените да бидат материјално независни, како прв чекор за сите нивни права потоа да ги остварат далеку полесно. Одлуките да ги донесат врз основа на нивното мислење, а не врз основа на потребата кога сте без материјални средства, кога немате некоја надеж дека ќе се вработите, дека ќе можете да го одржите семејството“, објаснува Бујаре Абази од Алијанса за Албанците.
Мора жените да бидат материјално независни, како прв чекор за сите нивни права потоа да ги остварат далеку полесноБујаре Абази, Алијанса за Албанците
„Наставните содржини кај најмладите ученици да бидат избрани така што традиционалните улоги дека жената е домаќинка, а мажот е лидер, и така натаму, веќе на некој начин да се намалат и целосно да исчезнат“, предлага Драгица Ѓавочанова од СДСМ.
Сепак, политичарките укажуваат – битката против родовата нееднаквост не е еднострана. Во неа треба да се приклучат и мажите.
„Вклучување и на мажите во сите овие проекти, бидејќи ова е наша заедничка борба. Не треба да бидат вклучени само жените, и само тие да бидат носители на овој процес. Ова треба да биде меѓусебна, взаемна, реципрочна соработка помеѓу мажите и жените“, смета Мелинда Рашиди од Движење Беса.
И мажите коишто, да речеме, го направиле тоа, да се охрабрат и да признаат дека можеби направиле некаков вид насилство. Само на тој начин може да го решиме проблемотБилјана Аврамовска-Ѓореска, ЛДП
„Од друга страна, и мажите коишто, да речеме, го направиле тоа, да се охрабрат и да признаат дека можеби направиле некаков вид насилство. Само на тој начин може да го решиме проблемот или, во најмала рака, да го намалиме“, порачува Билјана Аврамовска-Ѓореска од ЛДП.
Кампањата на Националниот демократски институт за стоп на насилството врз жените во политиката завршува со локалните избори. Но, за да се постигне родова рамноправност во сите пори на општеството има уште да се работи.