Линкови за пристапност

Името на сопственикот да стои во импресум: Објавени нови насоки за етичко известување во онлајн медиумите


Новите насоки за работењето на онлајн медиумите во Северна Македонија ги изработил Советот за етика во медиумите, а со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје

На видливо место да стои името на сопственикот, да биде назначен одговорен уредник, прибирањето информации да биде само со дозволени средства. Ова се дел од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите во Северна Македонија што ги подготви и објави Советот за етика во медиумите, а со поддршка од мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Новите насоки, како што се вели во објавата, се изготвени за да се подобрат професионалните стандарди во медиумскиот интернет простор, како и да се овозможи независност, но и одговорност во известувањето.

Се надеваме дека овој саморегулаторен инструмент ќе ги мотивира онлајн медиумите да ги опфатат вредностите на професионалното и одговорното новинарство во својата работа
Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите


Предложените насоки, стои во објавата, биле изготвени врз основа на консултации со медиумската заедница во државата.

„Се надеваме дека овој саморегулаторен инструмент ќе ги мотивира онлајн медиумите да ги опфатат вредностите на професионалното и одговорното новинарство во својата работа“, вели Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.

Во процесот на подготовка поддршка имало и од Мисијата на ОБСЕ.

„Етичките стандарди треба да се применат на сите медиумски платформи бидејќи етичките предизвици на новинарството се валидни и офлајн и онлајн“, се вели во изјавата на Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Упатствата за работа се однесуваат на сите информации и содржина што ги објавуваат онлајн медиумите, независно дали се пласирани на нивните интернет страници или на социјалните мрежи.

Секој онлајн медиум се обврзува да именува уредник кој ќе биде одговорен за секоја објавена содржина во онлајн медиумот.


Според новите насоки од Советот за етика, секој онлајн медиум се обврзува да именува уредник кој ќе биде одговорен за секоја објавена содржина во онлајн медиумот. Тоа, како што е истакнато, „подразбира и одговорност за содржините преземени од други медиуми или платформи“.

При собирање информации, документи и фотографии, насоката е да се користат само дозволени средства и методи и, како што стои „никако нема да се служат со уцени, закани или малтретирање на лицата за кои известуваат“.

Се нагласува и дека „онлајн медиумите ќе го почитуваат правото на граѓаните да добиваат навремени, проверени, точни и објективни информации за темите кои се од јавно значење“ и дека „никако нема да дозволат искривување на вестите и манипулирање со информациите и податоците“.

Во делот за транспарентноста во работењето, пак, насоките укажуваат дека онлајн медиумот ќе се обврзе на својата веб-страница на видливо и посебно означено место да објави во чие сопствеништво се наоѓа.

Импресум со сите податоци што ја потврдуваат релевантноста на медиумот и кои му овозможуваат на читателот да упати претставка или жалба за известувањето на онлајн медиумот


Треба да објави Импресум во кој ќе стојат податоците: „Име на правното или физичкото лице кое е сопственик на онлајн медиумот, име на одговорното лице, адреса на седиштето, контакт телефони, е-мејл адреса“.

На истото место треба да стои и име на уредникот, состав на редакцијата и, како што е истакнато, „ сите други податоци што ја потврдуваат релевантноста на медиумот и кои му овозможуваат на читателот да упати претставка или жалба за известувањето на онлајн медиумот“.

Насоките на Советот за етика во медиумите се поставени на нивната интернет страница.

XS
SM
MD
LG