Линкови за пристапност

Снежана Мелник, сликарка од Украина во Скопје: Децата во Донбас со години растат низ страв од војна


Децата во реонот на Донбас во Украина веќе со години се раѓаат и растат низ стравот од војна. Ова го истакнува уметницата Снежана Мелник. Таа е Русинка, но со украинско државјанство. Не сака војни и веќе девет години живее во Скопје.

„Јас не гледам иднина во тој простор“, беше одговорот што ни го даде ликовната уметница Снежана Мелник, за регионот Донбас, од каде што и самата потекнува.

„Себе си се сметам за Русинка, што е украински државјанин“, вели Мелник.

Снежана Мелник, сликарка од Украина во Скопје: Децата во Донбас со години растат низ страв од војна
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

Растела во градот Брјанка, на само стотина километри од границата со Русија.

„Моето потекло. Имам една прабаба од Украина, повеќе роднини што во Донбас дошле од Русија, една баба Еврејка, израсната во дом за деца без родители. Но, дома разговараме на руски јазик, поезија рецитирам исто на руски јазик, читам книги на руски“, раскажува Мелник.

За жал веќе има и деца што израснале во таква атмосфера и што не знаат за нешто поразлично. Јас живеев во една прекрасна земја. Многу ми е жал за ова што се случува.
Снежана Мелник

Веќе девет години живее и твори во Скопје. За себе вели дека е пацифист и дека не верува во воени судири во 21. век.

„Тоа ќе остане сива зона, многу години. За жал веќе има и деца што израснале во таква атмосфера и што не знаат за нешто поразлично. Јас живеев во една прекрасна земја. Многу ми е жал за ова што се случува“, истакнува уметницата.

Со семејството се доселила во Скопје поради работен ангажман на нејзиниот сопруг.

„Очигледно имам некоја интуиција. Заминавме на време, за моите деца да не го гледаат тој конфликт. Себе си се сметам за апсолутен пацифист и сум против војни и конфликти“, нагласува Мелник.

Сепак, сеќавањата за регионот од каде потекнува стојат во нејзината меморија и во дел од сликите што ги создава.

„Тоа е дел од државата каде луѓето работат во тешка индустрија, вложуваат тежок физички напор. Културата не е развиена, не работат театри, музеи. Но, има некоја длабока топлина во срцата на луѓето“, раскажува ликовната уметница.

За себе вели дека е уметница што сака да ги истражува емоциите. Тоа го изразува преку портрети и акти кои се значаен дел од нејзиното творештво. Ситуација, пак, што денес се случува во регионот од каде што потекнува ја опишува низ сликата „Врска“.

„Женски грб, врзан со јажиња. По телото се растекува крв поради желбата да се излезе од тоа. Во основа таква е ситуацијата меѓу Русија и Украина. Кога се сака нешто да се раздели, тоа не е нежно. Крваво е како што се крвави и војните“, вели Мелник.

На луѓето од нејзиниот крај им упатува една куса порака.

„Да бидат свесни луѓе, да не бидат манипулирани“, укажува сликарката од Донбас.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG