Десетмината обвинители од Специјалното јавно обвинителство од утре треба да се јават на работа во матичните обвинителства од каде пред четири години заминаа за да бидат дел од тимот на Катица Јанева. Од утре во оваа згрaда ќе доаѓа само техничкиот и помошниот персонал на СЈО за чија иднина допрва ќе се одлучува.
Советот на обвинители на денешната седница донесе одлука според која на обвинителите од СЈО им престанува мандатот.
Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов, Гаврил Бубевски и Артан Ајро се враќаат во скопското Јавно обвинителство, Владимир Лапе и Бурим Рустеми во кумановското, Елизабета Јосифовска во Гостивар, Стефчо Донев во Кочани и Лиле Стефанова во Радовиш
„Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов, Гаврил Бубевски и Артан Ајро се враќаат во скопското Јавно обвинителство, Владимир Лапе и Бурим Рустеми во кумановското, Елизабета Јосифовска во обвинителството во Гостивар, Стефчо Донев во обвинителствоито во Кочани и Лиле Стефанова на која во меѓувреме ѝ истече мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал од утре ќе биде во Јавното обвинителство во Радовиш“, соопшти денеска претседателот на Советот на обвинителите, Ацо Колевски.
Сепак Колевски не ја исклучува можноста сите обвинители од СЈО да преминар во Обвинителството за гонење организиран криминал.
Советот на обвинители исто така одлучи да го укине решението со кое на Катица Јанева ѝ се става во мирување работното место во обвинителството во Гевгелија. Тоа значи дека таа веќе не може да биде обвинител без разлика на исходот од истрагата за случајот „Рекет“.
Колевски, објасни дека одлуката се темели на нејзиното разрешување поради нестручно и несовесно работење.
Дилемата околку предметите на СЈО останува. Кои обвинители ќе постапуваат по нив треба да одлучи Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески откако го прифати барањето на Јанева за трансфер на предметите во државното обвинителство. Во моментов сите судски процеси каде обвинението го застапуваа обвнители од СЈО се запрени.