Линкови за пристапност

СДСМ го избра новото раководство, владата ќе се состави до 18 јануари идната година


Партијата е отвoрена за вклучување нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности, напиша Димитар Ковачевски, новиот лидер на СДСМ и иден мандатар

Речиси пет часа траеше Седницата на Централниот одбор на владејачката СДСМ која вечерва го избираше новиот мандатар на Владата, но и новото раководство на партијата. Со стари, но и со голем број нови кадри, особено во делот на потпретседателските места, од СДСМ се надеваат дека ќе ја изменаџираат енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, но и дека ќе го продолжат евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.

СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира. Партијата е отвoрена за вклучување нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности
Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ


Централниот одбор на СДСМ го избра новиот мандатар на идната Влада, Димитар Ковачевски.

„За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната Влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работа за да ја оправдам довербата. СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира. Партијата е отвoрена за вклучување нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности“, напиша Ковачевски.

Седницата продолжи со избор на ново раководство, како и нови членови на Централниот и на Извршниот одбор. Министерските функции во новиот владин кабинет ќе се знаат по новогодишните празници, а Ковачевски најави дека новата Влада ќе се формира најдоцна до 18 јануари наредната година.

Потпретседател на партијата останува Фатмир Битиќи, а избрани беа и Бисера Костадиновска Стојчевска, Перо Костадинов и ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев


Потпретседатели на СДСМ повеќе не се министрите за образование, здравство и внатрешни работи, Мила Царовска, Венко Филипче и Оливер Спасовски. Потпретседател на партијата останува Фатмир Битиќи, а избрани беа и Бисера Костадиновска Стојчевска, Перо Костадинов и ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Нов организациски секретар на СДСМ е Вангел Андрески, поранешен директор на ПОЦ, Бојан Маричиќ е избран за секретар за меѓународна соработка, а Миле Зечевиќ за генерален секретар.

Пратеничката Даниела Колева, шефот на кабинетот на Венко Филипче во здравство Дритон Исмаили, поранешниот генерален секретар на партијата Андреј Петров, Мишко Ралев, Никола Рилак се дел од новите имиња на Извршниот.

Освен нив, од актуелните членови на ЦО остануваат Ана Данева Маркова, Петре Шилегов, Милена Стевановиќ, Костадин Костадинов, Дарко Каевски, Нина Фити. Во тоа тело, ќе ги нема Мухамед Зеќири, Благој Бочварски, Васко Ковачевски.

Ковачевски соопшти дека креиран е и Совет за креирање и имплементација на политики, за кој кажа дека станува збор за помошно тело на претседателот на партијата кое треба да креира совети и политики и ќе ја следи и забрзува имплементацијата на проекти.

За претседател на советот е избран Игор Ивановски, поранешен пратеник и генерален секретар на СДСМ.

„Во периодот кој следи СДСМ ќе се менува и унапредува во секој сегмент од своето работење и делување. Ова ќе го постигнеме преку создавање на ефикасен систем кој им служи на сите граѓани инклузивен за целото членство и за секој кој сака да помогне и поддржи напредок на нашата земја. СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и да создава и поддржува нови кадри. Да се потпира и вклучува луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократките вредности. Најавувам активирање на централниот систем на комисии на СДСМ. Тие претставуваат сериозен механизам за отворање на партијата кон многу професионалци од различни области и сегменти на општеството и за нивно стручно ангажирање. Понатаму, започнуваме процес на целосно отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам. Ова е предизвик на кој СДСМ сериозно ќе работи и ќе биде предводник во отфрлање на клиентелизмот во секој сегмент од општественото работење. Одлики на новото раководство ќе бидат: одговорност, ефикасност во спроведување на ветеното, чесно работење и отчетност. Со личен пример да покажеме што значи правна држава, а не само со реформи и нови закони“, рече Ковачевски.

***

Ова е листата на членови на Извршниот одбор на СДСМ:

1. Ана Данева Маркова, докторка од Клиниката за гинекологија

2. Мишко Ралев, професор, декан на Факултетот за архитектура и дизајн, актуелен претседател на Асоцијацијата на архитекти

3. Нина Фити Неделковска, економски екперт со долгогодишно искуство во банкарствотo

4. Снежана Захариева, доктор-специјалист по анестезиологија, дикректорка на болницата во Куманово

5. Даниела Колева актуелна пратеничка во Собранието, професорка по математика и долгогодишна членка на СДСМ

6. Милена Стефановиќ, доктор – инфектолог, директорка на Инфективна клиника

7. Костадин Костадинов - градоначалник на Струмица

8. Рената Јајоска, досегашна членка на ИО, поранешна членката на Извршниот одбор на СДММ, советничка, потпретседателка на Младите европски социјалисти

9. Мелиса Ценовска Серафимовска, дипломиран економист, со искуство во банкарскиот сектор и јавните финансии

10. Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Скопје

11. Дритан Исмаили, магистар по јавно здравје, Советник во кабинетот на министерот за здравство

12. Тања Томиќ, поранешна пратеничка од СДСМ и генерална секретарка на СДММ

13. Дарко Каевски, пратеник на СДСМ, досегашен член на ИО, поранешен претседател на СДММ

14. Андреј Петров - поранешен генерален секретар на СДСМ, поранешен градоначалник на општина Карпош

15. Ивона Кузмановиќ, советничка во Советот на општина Прилеп

16. Костадин Ацевски, инженер по електротехника, претседател на општинската организација Ѓорче Петров и поранешен пратеник

17. Никола Рилак, поранешен потпретседател на СДММ, член на Комисијата за спорт и член на актуелниот состав на СДСМ

XS
SM
MD
LG