Линкови за пристапност

Самит на Западен Балкан: Отворени прашања за заедничкиот пат кон ЕУ


Самитот е во организација на лондонски „Економист“, а темата е „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“. Меѓу учесниците се најавен и заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар

Со обраќање на премиерот Зоран Заев, денеска во Скопје беше отворен Самитот на Западен Балкан, а во организација на лондонски „Економист“. Темата на самитот е „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“, а учествуваат и премиерот на Република Косово, Албин Курти, вицепремиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, и вицепремиерот на Албанија Арбен Ахметај.

Заев во обраќањето рече дека „економската активност во државата се зголемува, дека кризата одминува, економијата заздравува и ветува пораст во блиска иднина“.

Сепак, премиерот додаде дека е можна нова криза на повидок, поврзана со инфлацијата.

„Но, и покрај видливите знаци за оптимизам за блиска иднина, во економијата нештата можат да се променат многу брзо. Во последно време Европа, а и целиот свет ги зафаќа страв од инфлација, којашто е резултат на структурни и слични поместувања во пост-ковид периодот, но и високата и нестабилна цена на електричната енергија. Таквите движења може да бидат „увезени“ и во Северна Македонија“, рече Заев и додаде дека Владата би интервенирала во случај на евентуални ценовни шокови.

Косовскиот премиер, Курти, пак, рече дека иднината на регионот зависи од самите држави на Балканот и од владеењето на правото.

„Нестабилна демократија е нешто што е карактеристика на овој регион, зависното судство, контролата на медиумите сето тоа е наш најголем проблем. И конечно ние мораме да се соочиме со минатато и само така ќе се посветиме на иднината“, рече Курти.


Свое обраќање имаше и вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров. Тој нагласи дека треба да се надмине застојот во интеграцијата на регионот кон ЕУ. Димитров посочи дека обврската да се одржи европското заедништво ја има Софија.

„Соседна Софија треба да ја преземе својата обврска. Зборуваме за заедничка историја, но треба да сфатиме дека постои заеднички регион и заедничка иднина на овие држави овде. Време е да се покаже одговорност и лидерство. За доброто на сите Софија треба да ја преземе својата обврска“, рече Димитров.


На Самитот на засебни панел сесии ќе учествуваат и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министрите за економија Крешник Бектеши, за финансии Фатмир Бесими, за надворешни работи Бујар Османи, како и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Меѓу учесниците се најавени и актуелниот заменик-помошник на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар, актуелниот претседател на Трансатлантскиот центар при Германскиот Маршалов Фонд на САД, Јан Лесер, шефот на одделот за Адриатик при Европската инвестициска банка, Матео Ривелини, поранешниот заменик-државен секретар на САД, Џон Негропонте, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер.

XS
SM
MD
LG