Лекарката на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални изрази сомневања дека тој бил отруен во затвор со хемикалии.
„Неговата кожа била изложена на токсин и била оштетена од непозната хемиска супстанца од трета страна“, објави Анастасија Василиева на Фејсбук после посетата на Навални во болницата.
Навални е на издржување на 30-дневна затворска казна, а бил хоспитализиран вчера откако, како што се вели официјално, се пожалил на тешка алергиска реакција. После болничкиот преглед, тој бил вратен во затворот.
Портпаролката на Навални, Кира Јармуш, истакна дека тој имал „големи отоци на лицето и црвени белези на кожата“. Таа додаде дека Навални никогаш претходно немал алергиска реакција.
Неговиот сојузник Леонид Волков, кој исто така беше притворен, се пожали на лоши услови во затворот.
Навални во средата беше осуден на 30 дена затвор поради повикување на неодобрен митинг во саботата во Москва. За време на протестот, како што објави независна набљудувачка група, биле приведени повеќе од 1.300 луѓе.