Активни членки на револуционерните организации, писмоносци, но и учеснички во борбени акции биле жените во периодот на отоманското владеење на овдешните простори.
Ова, меѓу другото, неодамна беше посочено во Скопје на регионалната конференција за општествената поставеност на жените низ историјата и промоција на книгата „Архиви на невидливите“.
„Изучувањето на жените во историјата и историографијата е нешто на кое можеби почнало да се работи во некој период. Меѓутоа, таа приказна не е завршена и дефинитивно треба да се работи повеќе за улогата на жените или пак за женските движења“, вели Јана Коцевска од Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).
Историчарките со кои разговаравме сметаат дека позицијата на жената на Балканот е подобрена во однос на минатото. Но, сè уште има сериозни проблеми.
„Некако се вртиме во круг. За жал и после повеќе од еден век, откако женскиот глас почна да се слуша во јавноста, сè уште ги поставуваме истите прашања и се обидуваме да најдеме решенија за проблемите во чие надминување сè уште немаме успех до крај“, истакнува Ивана Пантелиќ , историчарка од Институт за современа историја од Белград.
Сепак, родовиот јаз низ годините не се случувал само на овдешните простори. Не многу одамна состојбите и во Швајцарија на тоа поле не биле солидни.
„До пред 1988 година, на пример, жените воопшто не беа рамноправни. На пример, не можеа да купуваат поскапи работи без потпис од мажот. Мораа да живеат со мажот заедно во стан. Или, ако сакаа да работат, исто така мораа да имаат согласност од мажот“, вели Нада Бошковска - професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих.
Денешното општество претежно ѝ овозможува на жената да работи. Но, проблемот е во вреднувањето на трудот. Како што некоја професија станува „женска“, така примањата одат надолу.
За жал и после повеќе од еден век, откако женскиот глас почна да се слуша во јавноста, сè уште ги поставуваме истите прашања и се обидуваме да најдеме решенија за проблемите во чие надминување сè уште немаме успех до крајИвана Пантелиќ , историчарка од Институт за современа историја од Белград.
„Ако погледнете во историјата, секогаш е така. Ако во една бранша работат повеќе жени, примањата веднаш се намалуваат. Тоа е веќе прашање на јајцето и кокошката. Дали мажите од таму заминуваат зашто примањата се намалуваат, или, пак примањата се намалуваат зашто таму повеќе жени работат, а се разбира, на жените може и помалку да им се плати“, додава Бошковска.
Родовото насилство е уште еден сегмент што се провлекува од минатото. Сепак, социјалните мрежи, медиумите, јавноста, денес се покажуваат како сериозен коректив.
„Тие теми сега се многу повидливи, многу повеќе се зборува за нив и ми се чини дека тоа, на некој начин, е своевидна закана за насилниците. Да размислат дали повторно би го направиле истото. Со децении и векови тој проблем остануваше под радарот и жените го преживуваа сами или со своите најблиски“, вели историчарката Пантелиќ.
Нашите соговорнички се категорични. Регионот треба да ја напушти родовата подреденост од минатото и да воведе крупни општествени промени.
„Родовата перцепција во носењето на политиките, во науката, во истражувањата, во книжевноста, дефинитивно треба да се подобри. Единствено со стратешко пристапување кон ваквите промени мислам дека може да се сменат нештата“, заклучува Коцевска.