Линкови за пристапност

Северна Македонија во 2019 година: Дванаесет месеци подеми и падови


Крупни скандали, политички превирања меѓу власта и опозицијата, застој во реформскиот процес, особено во правосудството, се дел од настаните што ја одбележаа годината што изминува

Дванаесет месеци исполнети со подеми и падови, успеси во меѓународната политика, но и големи разочарувања, крупни скандали, неостварени најави за „метли“, политички превирања и битки меѓу власта и опозицијата и застој во реформскиот процес, особено во клучниот дел - правосудството.

Ова е пресекот на 2019 година, година во која Македонија повторно не доби датум за старт на преговори со Европската Унија но затоа пак речиси го формализираше членството во НАТО. Македонија доби нов претседател, но остана без Специјалното Јавно обвинителство.

Северна Македонија во 2019 година: Дванаесет месеци подеми и падови
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:59 0:00


Годината почна со гласањето на уставните измени и промена на официјалното име на државата во Република Северна Македонија. По серија исцрпувачки преговори владејачкото мнозинство успеа да ги обезбеди неопходните 80 гласа во Собранието.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ го бојкотираше гласањето. Преспанскиот договор на 25 јануари беше ратификуван во грчкиот парламент со што немаше повеќе пречки во евроинтегартивните процеси на државата.

На огромно разочарување на домашната и европската јавност, на самитот на ЕУ во октомври Македонија не доби датум за старт за преговори. Реакции имаше многу, но не вродија со плод


Но, сепак не течеше сè така подмачкано. Ако во делот со членството во НАТО Алијансата, Македонија немаше застој, Европската Унија повторно ја остави државата да чека.

На огромно разочарување на домашната и европската јавност, на самитот на ЕУ во октомври Македонија не доби датум за старт за преговори. Реакции имаше многу, но не вродија со плод.

Затоа пак веќе е прашање на денови кога и официјално Македонија ќе стане членка на НАТО. На почетокот на февруари амбасадорите на сите 29 држави членки на НАТО, во седиштето на Алијансата во Брисел го потпишаа протоколот за пристапување на Македонија како 30-та држава членка на Северно атланскиот сојуз. Со ова се отвори пат кон ратификација од страна на секоја земја членка одделно. Се чека уште на ратификацијата од шпанскиот парламент каде што кочница се внатрешно политичките случувања и предвремените избори одржани есеноска.

Неуспехот во Брисел беше клучно премиерот Заев да се премисли и да се согласи на предвремени парламентарни избори кои се закажани за 12 април. На самиот почеток на новата 2020 година Македонија и граѓаните ќе добијат нова техничка Влада по пример на Владата од 2016 година која овој пат ќе ја води Оливер Спасовски.

СЈО, симболот за правда барем за дел од граѓаните, веќе не постои. Остана само зградата во која се чуваат доказите и документите каде што секој момент може да биде исклучена струјата


Катица Јанева секако е едно од најспоменуваните имиња во 2019 година и е слика на поразот во реформите во правосудството и владеењето на правото. Од шеф на СЈО заврши во притвор поради вмешаност во скандалот „Рекет“ кој предизвика големи потреси во домашната и меѓународната јавност. Наместо да го гони криминалот таа му се приклучи. Заедно со Бојан Јовановски е обвинета дека учествувала во рекетирањето на Орце Камчев кој платил 1,5 милиони евра за да се спаси од притвор, а Јанева, која според доказите, сесредно му помогнала инкасирала педесетина илјади евра и мебел, кој сè уште не е платен. Судскиот процес е во тек.

СЈО, симболот за правда барем за дел од граѓаните, веќе не постои. Остана само зградата во која се чуваат доказите и документите каде што секој момент може да биде исклучена струјата. Обвинителите од СЈО се вратија во матичните обвинителства, а помошниот кадар во СЈО со месеци е без плата. Предметите ги презеде републичкото Јавно обвинителство што ги забави судските процеси кои и онака се завлекуваа, а дел и застареа.

Законот за Јавното обвинителство со кое треба да се реши статусот на СЈО со месеци е заглавен во ровоска битка меѓу СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ


Законот за Јавното обвинителство со кое треба да се реши статусот на СЈО со месеци е заглавен во ровоска битка меѓу СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ. Иако Брисел во десетици наврати потенцираше дека носењето на овој закон е мошне битно за текот на пристапните процеси ниту една страна не попушти. Според предлогот на Владата, СЈО требаше да биде автономен дел во Обвинителството за гонење на организиран криминал кој го води Вилма Рускоска.


Шестите претседателски избори го донесоа петтиот претседател на државата, Стево Пендаровски. Тесно во првиот круг со само 3.500 гласа разлика ја победи професорката Гордана Силјановска, но во вториот круг успеа да побегне за речиси 60 илјади гласа. Изборите беа мирни и во фер атмосфера, но со убедливо најмал одзив на граѓаните во историјата на самостојна Македонија.

Две пресуди ја одбележаа 2019 година. Првата за упадот и насилствата во Собранието од 27 април за која 16 обвинети беа осудени на затворски казни од 7 до 18 години, а еден, оперскиот пеач Игор Дурловски, беше ослободен. Благодарение на спорниот Закон за амнестија, петанесетимна обвинети прифатија да бидат ослободени од обвинителиот акт.

Посетата на Папата Франциск е онаа што ја одбележа годинава. На 7 мај тој слета во Скопје и одржа миса на Плоштадот во центарот на градот пред повеќе десетици илјади верници


Втората пресуда беше за случајот „Титаник2“ на СЈО, кој се однесуваше на нарачани одлуки на ДИК околу приговори на тогашната опозиција за локалните избори во 2013 година. Сашо Мијалков и Мендух Тачи беа осудени на по три години затвор, но пред десетина дена, Апелација ја укина пресудата поради повреди во постапката и го врати процесот на повторно судење.

Македонија повторно беше дестинација на голем број дипломати и високи претставници на САД, ЕУ и државите членки на Унијата. Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, Филип Рикер, Доналд Туск, беа гости во државата особено во клучниот период пред и по разочарувачкиот самит на ЕУ.

Секако посетата на Папата Франциск е онаа што ја одбележа годинава. На 7 мај тој слета во Скопје и одржа миса на Плоштадот во центарот на градот пред повеќе десетици илјади верници. Испрати пораки за мир, благосотојба и разбирање, се сретна со државниот врв и ја зацврсти позицијата на Македонија на светската политичка мапа.


Да не биде сè така црно се погрижија и ракометарите на Вардар, кои иако беа аутсајдери, повторно застанаа на тронот на ракометна Европа.

Двете дваесетки на земјава ѝ носат нови предизвици – додека политичарите ќе се подготвуваат за избори, граѓаните ќе чекаат остварување на дел од клучните реформи и исходот од најавите на Брисел дека напролет ќе биде донесена долгоочекуваната одлука – старт на преговори со Унијата.

XS
SM
MD
LG