Линкови за пристапност

Во Прифатниот транзитен центар Винојуг: Балканската рута е затворена, но мигранти и натаму доаѓаат со надеж за влез во ЕУ


Некогашната Балканска рута на мигрантите што бараа спас и подобар живот кон европските земји е затворена. Но, Транзитниот центар за бегалци кај Гевгелија сѐ уште функционира. Ова се приказните на неговите времени жители.

Детските цртежи на ѕидовите ги покажуваат траумите и премрежјата низ кои поминале илјадниците бегалци и мигранти во потрагата по безбеден и подобар живот. Овие мали креации ги оставиле неколку илјади деца што во изминатите шест години поминале низ прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија.

Детските цртежи во Прифатниот центар кај Гевгелија сведочат за траумите на илјадниците бегалци
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Центарот беше отворен во 2015 година како привремено решение за прифаќање на илјадниците бегалци што се движеа по таканаречената Балканска рута во правец кон европските земји.

Рутата денес е затворена, но прифатниот центар сè уште постои. Сепак сликата таму сега е сосема поразлична. Ги нема турканиците на самата граница, нема преполнети возови, нема врвулица од мигранти, војници, хуманитарни работници.


Сместувачките контејнери и инфраструктурата веќе се во видлива состојба на долго користење. Сепак, на лицата таму им се нудат неопходни мерки за превенција од ковид-19, храна, облека, како и правни совети за можноста за азил во земјава.

Денес таму има во просек по триесетина лица. Повеќето од нив, како што ни објаснија полициските службеници во центарот, се економски мигранти.


Во времето на нашата посета, таму го запознавме и Дел Шан, 25-годишен градежен работник од Авганистан. Од неговата земја заминал пред осум години. Вели дека таму нема никого свој.

Мајка ми е почината. Татко ми загина во експлозија во 2012 година. Немам брат, немам сестра. Сам сум. Само јас сум.
Дел Шан, Мигрант од Авганистан


„Мајка ми е почината. Татко ми загина во експлозија во 2012 година. Немам брат, немам сестра. Сам сум. Само јас сум“, ни објасни пред камерата.

Ни рече дека би сакал да бара азил за да остане во земјава. Сепак, според коментарите од полициските службеници, повеќето од тие лица повторно заминуваат. Дел Шан спаѓа во категоријата економски мигранти, а тоа засега не му отвора врати кон ЕУ.

Во кампот затекнавме и група Кубанци. Не зборуваа англиски јазик, но тоа што го разбравме е дека се движат во обратна насока - од север кон југ. Преку Србија влегле во земјава, со намера да се упатат кон Грција, а потоа кон Шпанија.


Полициските службеници кои подолг период се во кампот, не очекуваат во скоро време да се повтори масовниот бегалски бран. Тоа што денес ги загрижува е криумчарењето, кое веќе станало многу поорганизирано.

Во случај по пат да ги фати македонската полиција и да ги депортира, ним криумчарската мрежа им овозможува и други обиди. Одат и преку планински превои сè додека не преминат во друга земја.


Како што ни беше објаснето, мигрантите на криумчарите им плаќаат десетици илјади долари уште од почетната дестинација. Во случај по пат да ги фати македонската полиција и да ги депортира, ним криумчарската мрежа им овозможува и други обиди. Одат и преку планински превои сè додека не преминат во друга земја. Во последно време зачестила и појавата едни исти лица да се појавуваат на македонска територија, иако веќе биле вратени кон југ.

Според објаснувањата зад камерата, речиси 100 проценти од сегашните мигранти не сакаат да останат како азиланти во земјава. Крајната дестинација и натаму им се земјите од Европската унија. Доколку не успеат во таа намера, дел од нив своеволно се враќаат кон Грција.

XS
SM
MD
LG