Линкови за пристапност

Светски ден на бегалците


Не сакам детството на ќерка ми да помине во метален контејнер. Не сакам и таа да живее во страв, ни рече денеска еден од соговорниците во Транзитниот центар во Гевгелија, со кои разговаравме на „нивниот ден“

ГЕВГЕЛИЈА - „Не сум можел да сонувам дека вака ќе биде. Имав сè и сè загубив, сè уништија. Избегавме со сопругата од Сирија, како бегалци добивме и ќерка во Турција и за овие пет години, Македонија ни е трета земја во која сме заведени како бегалци... Доста е... Сакам само да живеам како обичен човек, да заработувам за своето семејство и да го бранам нивното достоинство“, ни рече денеска, првиот соговорник.

Некако веднаш се стекнуваше впечаток дека не сака да зборува само поради директниот повод и нашето присуство во Центарот, туку, пред сè, за да си олесни на душата. Веднаш се согласи пред нашата камера да зборува за своите маки и да ни ја отвори вратата од тесниот метален контејнер во кој спие со сопругата и 18-месечната ќерка. И срцето.

Дента наспроти денешниот Светски ден на бегалците, 20 Јуни, во Привремениот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија, немаше ни триесеттина бегалци и мигранти и сè делуваше и по малку морничаво.

Дежурните припадници на македонската полиција кои го обезбедуваат Центарот, по проверката на документите, ни рекоа дека со недели наназад, сликата е речиси иста: Лицата од десетина држави кои се привремено сместени тука, стануваат доцна и за да ги избегнат големите горештини, сè подоцна ги напуштаат металните контејнери, ручаат, шетаат или разговараат, и се обидуваат некако да го потрошат времето до зајдисонце. И сите, нормално, се во исчекување на некаква разврска.

Во средата попладне, на празните патеки во „Винојуг“ десетици кучиња се обидуваа да пронајдат нешто за јадење околу кантите за отпадоци. Кампот делуваше како напуштен. И веднаш навираа сликите, спомените од 2015/2016 кога илјадници несреќни луѓе, бегајќи од војната, заканите и бедата и барајќи спас за себеси и своите семејства, се движеа во непрегледни колони од грчко-македонската граница до најпрвин импровизираниот, а потоа, сè посредениот камп кој прерасна во Центар, каде беа евидентирани и потоа, со возови, автобуси, но и пеш и со автомобилите на криумчарите на луѓе, се обидуваа да стигнат до северната граница, за преку Србија да продолжат кон замислената цел – земјите од Западна Европа.

Во средата, покрај љубезните полицајци, разговаравме и со претставници на Агенцијата на ОН за бегалци - УНХЦР, на Меѓународната организација на мигранти - ИОМ, на Македонското здружение на млади правници – МЗМП и на Црвениот крст, како со активисти и волонтери кои вложуваат огромни напори за колку-толку да им го олеснат престојот на очајниците на нивните патеки кон подоброто утре, повторно да состават раздвоени семејства, да најдат излез од правните лавиринти, уште посложени со непознавањето на јазикот.

Со своето искуство и создадените релации со бегалците, тие ни помогнаа да ја намалиме недовербата на бегалците и во договорите за денешното снимање по повод празникот. Дел од локалните соговорници, поради процедурите и постоечката хиерархија, не можеа да ни дадат официјални изјави, но и тие „меѓу редови“, ни посочуваат дека е неопходно повеќе храна, повеќе средства, за да се обезбеди достоинствен живот на бегалците.

И самите бегалци, кои ни се заблагодаруваа што се интересираме за нивната тешка ситуација, на лош англиски и со обиди за меѓусебно преведување од арапски, пашту, урду..., ни велеа оти знаат дека Македонија е сиромашна земја и дека се свесни оти помошта од Европа за нив и за Македонија, би требала да биде поизразена. И секако, бараа - ако може процедурите да се скратат.

На денешниот ден кога Светот го одбележува Денот на бегалците, на милионите раселени, избегани, едвај спасени лица, во кампот исто така, беше многу тивко и мирно. Додека сонцето немилосредно печеше, љубопитните дечиња, ја гледаа камерата и срамежливо ни одмавнуваа со рацете, а постарите, ни ги раскажуваа своите тажни приказни, за кои се надеваат дека некој и ќе ги чуе.

Во непосредна близина на Центарот, припадниците на полициите од Чешка, Словачка и Австрија, со нивните македонски колеги, патролираат покрај километарската метална жица на македонско-грчката граница, крај медиумски извиканата Кота 59, покрај која, во 2015/2016, со денови се слушаше скандирањето - крик од стотици грла: „Macedonia open the border!”…

20 јуни 2019: Сонце, пруга, тишина

А на само неколку километри во спротивна насока, на главниот плоштад во Гевгелија, УНХЦР организираше штанд за јакнење на свеста на локалното население за потребата да им се излезе во пресрет и да им се помогне на бегалците. Се делеа беџеви, се фотографираа минувачите, сè во знак на поддршка на бегалците.

„Личниот пример е најсилниот придонес што можеме да го дадеме за да изградиме подобро и поинклузивно општество во кое никој нема да биде изоставен“, изјави во медиумите претставничката на УНХЦР, Моника Сандри.

И скопската тврдина Кале, со поддршка Град Скопје од вечерва ќе биде осветлена со сина боја во знак на солидарност со бегалците.

Им ги спомнавме овие настани на соговорниците меѓу бегалците со кои можевме да се разбереме. Се заблагодарија на вниманието, на трпението што „нивниот“ ден го поминавме со нив во Центарот, и си заминаа кон контејнерите. И ние тргнавме кон излезот. Ден – година.

XS
SM
MD
LG