Линкови за пристапност

Шекеринска заминува од позицијата: Нема да учествувам во следната Влада


Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска нема да биде дел од новата влада. Таа го најави ова на денешната прес-конференција, при што истакна оти не е принципиелно да биде дел од новиот владин состав

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска нема да биде дел од новата влада. Таа го најави ова на денешната прес-конференција, при што истакна оти не е принципиелно да биде дел од новиот владин состав.

„Единствената принципиелна и чесна одлика би била да кажам дека нема да учествувам во следната влада. Сметам дека во изминатиот период можевме да продуцираме резултати како влада, јас како министерка за одбрана, само заради тоа што покажавме принципиелност, чесност и одговорност и многу работа. И тогаш вреди, и тогаш има резултати. Ако не сме принципиелни, тогаш мислам дека тие резултати нема да дојдат“, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.


Таа воедно истакна дека не се согласувала со дел од политиките во владејачката СДСМ.

Ако не сме принципиелни кон себе, не можеме да бидеме принципиелни и чесни ниту кон граѓаните. И затоа, истата одлука им ја соопштив на моите колеги, мислам дека е принципиелно и чесно да не учествувам во следната влада
Радмила Шекеринска, Министерка за одбрана


„Дел од тие политики придонесоа за поразот што го доживеавме на локалните избори. За жал мојот впечаток е дека од тие лекции не научивме и дека некои од јавноста не ги чувме или не ги разбравме“, истакна министерката.

Шекеринска додаде дека ја исполнила својата обврска во изминатите четири и пол години да им служи на граѓаните и на државата, со членството во НАТО, воената интеграција во Алијансата и со, како што истакна, апсолутно променета ситуација во армијата.

„Тоа беше резултат зашто работевме и принципиелно и чесно и трудољубиво и одговорно. Треба на таков начин да се работи и тогаш резултатите доаѓаат. Меѓутоа, ако не сме принципиелни кон себе, не можеме да бидеме принципиелни и чесни ниту кон граѓаните. И затоа, истата одлука им ја соопштив на моите колеги, мислам дека е принципиелно и чесно да не учествувам во следната влада“, истакна Шекеринска.

Премиерот во заминување, Зоран Заев се очекува неговата оставка до Собранието да ја достави во текот на идната недела. Нов мандатар се очекува да биде и новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Вчеравечер се одржа и тричасовна средба меѓу премиерот Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети а на која присуствуваа и првиот вицепремиер Артан Груби, како и Ковачевски и вицепремиерот Љупчо Николовски.


Учесниците на крајот од средбата не дадоа изјави. Со соопштение се огласи само Владината прес-служба. Од таму истакнаа дека „Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски денеска повика нов мандатар да биде лидерот на Алтернатива Африм Гаши, наместо лидерот на СДСМ, Ковачевски.

XS
SM
MD
LG