Линкови за пристапност

Марија Максимова, педагог: Мојот најголем успех се моите ученици


Работењето со деца кои ја сакаат музиката е вистинска забава, во која наставникот ја користи целата своја креативност да им помогне да го изучат инструментот, вели м-р Марија Максимова, професорката по пијано од Штип, која го освои признанието за надобар наставник на просторите на поранешна Југославија

Овозможете им на децата да изучуваат инструменти бидејќи свирењето ја подобрува работата на мозокот, а тоа ќе има големо влијае и врз нивниот живот како возрасни лица. Музичкото образование ги нагласува ритмичките вештини и е одлична вежба за аудиторниот, како и системот за моторика, им помага на децата да го фокусираат нивното внимание, да ги контролираат нивните емоции и да ја намалат анксиозноста, а воедно, во музичкото училиште ќе имаат можност да другаруваат и заедно да музицираат“, им препорачува на родителите, професорката по пијано во Државното средно училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, Марија Максимова, на која, минатата недела во Белград и беше доделена наградата од асоцијацијата „Најдобри наставници од поранешна Југославија”.

Мојата работа е навистина прекрасна, работењето со деца кои ја сакаат музиката е вистинска забава, во која наставникот ја користи целата своја креативност да им помогне да го изучат инструментот, а поради индивидуалната настава, подобро ги запознаваме учениците и ние сме нивни педагози, понекогаш и психолози, воспитувачи, пријатели“, вели м-р Марија Максимова, пијанистка, педагог по пијано и камерна музика во музичкото училиште во Штип, која неделава го освои признанието за надобар наставник на просторите на поранешна Југославија


Асоцијацијата која ја формирале двете финалистки на светскиот конкурс за најдобри наставници - „Global Teacher Prize”, Весела Богдановиќ и Жељана Радојчиќ - Лукиќ, годинава доделуваше признанија на наставници од територијата на некогашната држава и титулата ја освои Максимова.

„’Best Teachers Ex–Yugoslavia’ (ANN_EX_Yu) е асоцијација на најдобрите наставници од просторите на Југославија, формирана од висококвалитетни лидери од образованието, подготвени да ги соберат околу себе ентузијастите и лидерите меѓу наставниците во регионот. Главна цел на асоцијацијата е да се овозможи брзо и ефикасно обединување, вмрежување и соработка на сите наставници - ентузијасти кои се подготвени да ја продолжат мисијата за промена на сликата на образованието, да станат мотивација и модел за следење, да го вратат угледот на професијата која веќе долго време го губи своето значење, да ги мотивира вработените во сите степени на образование за секој од нив да е вреден за почит, достоен за пример и модел кој треба да се следи“, изјави Максимова за Гласот на Америка на македонски јазик.

Доделување на наградата во Белград
Доделување на наградата во Белград


За да се стане дел од асоцијацијата во која членуваат наставници од сите области и степени на образованието - од универзитетски професори до наставници во предучилишна возраст - и да се конкурира за признание, треба да се исполнат критериуми како: научни трудови, иновации и креативност во наставата, стручни трудови, организација на образовни проекти на меѓународно, државно и училишно ниво, авторство на наставни приручници и книги, организација на проекти вон образованието - фестивали или натпревари.

„Многу се израдував кога ми кажаа дека сум влегла прво во 78-мината финалисти, а кога ми соопштија на конференцијата во Белград, дека сум ја добила и титулата, бев пресреќна. Ова е огромен успех за мене како педагог, доказ дека сум на вистинскиот пат со мојата професија, а најмногу од сè, бев среќна што целиот мој труд како педагог некој го препознал и го вреднувал“, ни изјави Максимова.


„Кога првпат ги видов критериумите, помислив дека јас не се пронаоѓам, поради специфичноста на нашата настава. Јас предавам пијано и ние држиме индивидуална настава. Меѓутоа, додека го подготвував магистерскиот труд пред неколку години, правев истражувања во областа на методиката на пијаното и темата на трудот ми беше поврзана со конкретизацијата и целта на наставата по пијано и новите модули на час кои беа предложени од проектот на УСАИД и СЕА за реформи во образованието. Можам со сигурност да кажам дека тие нови методи кај мене се покажаа како многу успешни. Голем дел од тие нови стратегии на час кои се за групна настава, јас ги имав применето на индивидуална настава, секако со некои прилагодувања. Најголем бенефит од нив беше развивање на критичкото размислување кај учениците и успех преку тимска работа“, изјави Максимова за Гласот на Америка на македонски јазик.

Максимова го завршува основното музичко образование во Штип - пијано во класата на наставничката Ирена Спасикова, средното музичко училиште и Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на професорката м-р Стела Слејанска–Стојаноска, а постдипломските студии на отсекот Методика на пијаното на Факултетот за уметности, во класата на професорката д-р Ана Гацева.

Максимова потенцира дека во образованието во Македонија треба да се стави поголем акцент врз стратегии кои се засноваат на научно знаење - на кој начин да им се овозможи на учениците да си ги подобрат вештините за учење и критичко размислување, преку дискусија, дебата, комуникација, соработка, самооценување, тимска работа, решавање проблеми, одлучување, истражување... Според наградената професорка, наставниот процес ќе се подобри со вклучување на повеќе успешни и искусни наставници во креирањето на наставната програма и со сведување на минимум на административни работи со кој се соочува секој наставник, како и со потенцирање на креативноста и импровизацијата на часот.


„Викендов, ми беше доделена и ‘8 Ноемвриска награда’ на Општина Штип која ја посветив на мојата прва наставничка по пијано Ирена Спасикова, која ми ја пренесе љубовта кон музиката, а истата награда им беше доделена и на моето училиште и на директорот м-р Горан Кавраков, за нашите залагања во сферата на подигање на свеста за музичка култура во градот... Сепак најдраги ми се наградите на моите ученици, чија бројка е импозантна: тие освоија над 260 награди на интернационални натпревари во Италија, Франција, Унгарија, Словенија, Србија, Босна, Косово, Бугарија..., и се вистински амбасадори на музичката уметност од нашата држава. Поради тие награди, јас постојано сум вклучена во жири-комисии на професионални музички натпревари - во Италија, Србија, Босна, а следната година ќе бидам и дел од жири во Шпанија. Но, велам, мојот најголем успех се моите ученици, од кои дел успеаја да се запишат на студии на конзерваториуми за пијано во странство и денес успешно концертираат“, ни изјави Максимова.

XS
SM
MD
LG