Линкови за пристапност

Каде исчезнува Преспанското езеро?


Нивото на Преспанското езеро е за 2,5 метри под нормалата, покажуваат мерењата од август

Локалните жители и туристите алармираат дека Преспанското езеро полека исчезнува од мапата на природни езера. Езерото е повлечено, а местата кои до лани беа под вода, сега се сува површина или се претворени во мочуришта.

Tрајче Талески, биолог во Хидробиолошкиот завод во Охрид, за Гласот на Америка причините ги гледа на неколку места:


„Високите температури последниве месеци, злоупотребата на водата од реките во горните текови како и лошото менаџирање со подземните води придонесоа за алармантната ситуација. Водата е повлечена и од плажите во Стење, Отешево, Асамати, Претор, Сливница Крани и Брајчино“, вели тој.

Во селото Наколец водата е повлечена еден километар. Некогаш и црквата Свети Никола во селото беше под вода, а денес, денес ништо повеќе не е исто
Камбер Камбери, с.Наколец


Ајман Ал Мала, раководител на секторот за животна средина во општина Ресен вели дека нивото на водата во езерото е драстично намалено во последните 15 години, а најголем пад на нивото на водостојот го има во моментот.

Нивните мерења, вели тој, покажале дека длабочината на езерото на границата со Грција, кај Маркова нога, била 15 метри, што во нормални услови би се движела помеѓу 18 и 20 метри.

Од таму велат дека причината во најголем дел лежи во климатските промени.


Во Преспа од 2015 година, функционира и мониторинг станицата во селото Стење, со задача да го следи квалитетот на водите во сливот на езерото како и во самото езеро.

Ајман вели дека е потребно итно одржување на меѓународна конференција за меѓугранично одржливо и интегрирано управување со водите на Преспанското Езеро.

„Работиме на тоа конференцијата да се одржи во наредната година. Потребни се и сеопфатни анализи на сите податоци со кои располагаме и на ниво на речен слив за да се предлагат мерки за адаптација кон климатските промени“, вели Ајман за Гласот на Америка.


Жителите на Преспа се загрижени за состојбата во која се наоѓа Преспанското езеро.

„Во селото Наколец водата е повлечена еден километар. Некогаш и црквата Свети Никола во селото беше под вода, а денес, денес ништо повеќе не е исто“, вели Камбер Камбери, од месната заедница во селото Наколец.

Драстичниот пад на нивото на езерото, го чувствуваат и во туристичкиот сектор во регионот.

Гласот на Америка побара реакција од министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство. И двете министерства се прогласуваат за ненадлежни


„Жално е да се гледа како езерото умира. Ако земеме во предвид дека најголемата длабочина е помеѓу 55-60 метри, а просечната длабочина ќе дојде отприлика 20 метри, тоа значи дека половината водена маса е изгубена“, вели Љубин Котески, сопственик на туристичка агенција во Ресен.

Котески додава дека странците се` помалку доаѓаат, а оние во транзит прашуваат дали има некој што се грижи за оваа еколошка катастрофа.

Гласот на Америка побара реакција од министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство. И двете министерства се прогласуваат за ненадлежни.

Инаку УНЕСКО во 2014 година, го прогласи регионот „Охрид - Преспа“ за 14-ти Биосферен резерват во светот, кој ги опфаќа сливните подрачја на Охридското и Преспанското Езеро, со површина од 446.244 хектари.

XS
SM
MD
LG