Линкови за пристапност

Годинава без датум за старт на преговори со ЕУ


Нема датум во октомври
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Она за што успеаја да се договорат шефовите на држави и влади на ЕУ е ова прашање да се разгледува во првата половина на 2020 година за време на хрватското претседателство со Унијата

Годинава нема одлука за датум за старт на преговори за членство со С. Македонија. Тоа е исходот од дводневните разговори на врвот на Унијата кои не резултираа со позитивен епилог поради цврстиот став на францускиот претседател, и покрај јунските заклучоци, да не дозволи Скопје и Тирана да добијат јасни временски одредници за почеток на преговори.


Она за што успеаја да се договорат шефовите на држави и влади на ЕУ е ова прашање да се разгледува во првата половина на 2020 година за време на хрватското претседателство со Унијата.

За жал, неколку земји-членки се уште не се подготвени. Затоа не успеавме да дојдеме до позитивна одлука. Лично, мислам дека беше грешка
Доналд Туск, Претседател на Советот на ЕУ


„Огромното мнозинство членки сакаа отворање пристапни преговори со С. Македонија и Албанија. Но, за ваква одлука треба едногласност, а вчера таа не беше постигната. Затоа, ЕУ ќе се наврати на ова прашање пред Самитот во Загреб во мај 2020 година. Дозволете ми да бидам многу јасен – вината не е на С. Македонија и Албанија. Извештаите на ЕК, исто така, се многу јасни дека двете земји го исполнија тоа што се бараше од нив. Усвојувањето на Преспанскиот договор беше извонреден успех. Двете земји го имаат правото уште од денеска да ги почнат преговорите со ЕУ. Тие се подготвени. За жал, неколку земји-членки се уште не се подготвени. Затоа не успеавме да дојдеме до позитивна одлука. Лично, мислам дека беше грешка“, рече Доналд Туск, претседателот на Советот на ЕУ.

Туск ги повика, како што ги нарече, нашите македонски и албански пријатели да не се откажуваат и дека ЕУ е таа која треба да испорача.

Претходно, министрерот за надворешни работи, Никола Димитров, преку твитер порака побара искрен пристап од Унијата. „Најмалку што ЕУ му должи на регионот е да биде искрена со нас. Ако веќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан, ако ветувањето дадено во 2003 година во Солун веќе не важи, тогаш граѓаните заслужуваат да знаат“ – напиша Димитров.

Ваквиот исход во Брисел веќе предизвика реакции во Скопје.

„Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат
Стево Пендаровски, Претседател на С.Македонија


Шефот на државата, во обраќањето, повика на единство, а не на нови поделби.

„Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат“, порача претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски закажа лидерска средба за в недела на која ќе се разговара за идните чекори на Македонија откако ЕУ-лидерите не донесоа долука за датум за преговори.

XS
SM
MD
LG