Линкови за пристапност

Дезинфекција пред гласањето: Седми локални избори, првпат со електронски отпечаток од прст


Идентификацијата на граѓаните првпат се врши со уреди за електронско отчитување на отпечаток од прст, постапка што беше воведена за да се спречат појави на повеќекратко гласање

Со задолжителна дезинфекција пред влегувањето на гласачките места и првпат со ставање отпечаток од прст врз електронски уред се одвива гласањето во првиот круг од седмите локални избори во Северна Македонија. Избирачките места се отворени во седум часот утринава, а ќе бидат затворени во 19 часот.

Бројот на кандидати на овие локални избори е рекорден. Во трката за градоначалници на Скопје и на 80 општини низ државата влегоа 299 кандидати и 572 советнички листи. На листите за советници се кандидирани 10.831 лице.


Идентификацијата на граѓаните првпат се врши со уреди за електронско отчитување на отпечаток од прст, постапка што беше воведена за да се спречат појави на повеќекратко гласање.

Уредите се поставени на 3480 гласачки места, а постојат и резервни уреди што би се употребиле доколку некој откаже. Околу 400 технички лица од областа на ИТ технологиите се задолжени да се грижат за непречено функционирање на уредите за гласање.

Вчера гласаа болните и изнемоштените, внатрешно раселените лица, војниците, осудениците и лицата што се во изолација поради Ковид - 19, под посебни однапред утврдени протоколи.

Резултатите од денешното гласање се очекува да бидат објавени после полноќ. Вториот круг од изборите е закажан за 31 октомври.

XS
SM
MD
LG