Линкови за пристапност

Пандев: Шансите не се загубeни, против Украина треба да играме отворено


Имавме некои контри што требаше подобро да ги искористиме. Шансите не се загубени. Нè чека тежок натпревар против Украина. Тој натпревар треба да го одиграме отворено

Со резултат 3:1 во корист на австрискиот тим заврши првиот натпревар на македонската репрезентација на Европското фудбалско првенство што вечерва се одигра во Букурешт. Првиот гол за нашиот национален тим на европското првенство го постигна капитенот Горан Пандев.

Во текот на натпреварот тимот на Австрија имаше поголема контрола врз топката, иако и македонските репрезентативци покажаа дека го заслужуваат своето место на европското првенство.

„Физички се многу помоќни од нас. Имавме некои контри што требаше подобро да ги искористиме. Шансите не се загубени. Нè чека тежок натпревар против Украина. Тој натпревар треба да го одиграме отворено, нема што да загубиме. Им благодарам од сè срце на навивачите што дојдоа да нè поддржат“, изјави Пандев после натпреварот за Македонската телевизија.

Енис Барди изјави дека нема место за разочарувања и дека треба да се даде многу повеќе на следниот дуел.

„Да одомориме глави, тело. Да дадеме многу повеќе од себе. Ни фали уште малку да бидеме поопасни. Благодарам на сите што ни дадоа поддршка, тие се дванаесеттиот играч“, рече Барди.

Следниот натпревар С.Македонија го игра против Украина во четврток.

XS
SM
MD
LG