Педесетина готвачи и околу стотина келнери во моментот му фалат на Охрид, велат познавачите на приликите. Угостителските објекти и поголемите хотелски капацитети во најголемиот туристички центар во земјава, имаат сериозен недостаток на ваков кадар, од кој зависи нивното работење и опстојување.
Менаџерот на хотелот, Гранит во Охрид, Перо Кутаноски за Гласот на Америка вели дека не треба да биде изненадување ако некои објекти бидат затворени, ако не го надминат овој проблем. Но, признава дека заминувањето надвор на многумина од нив е пред сè за повисоки плати.
„Недостаток има затоа што заминуваат во странство. Тука се Хрватска и Црна Гора, но одат и во Западна Европа, најчесто во Германија, односно онаму каде што има подобри плати. Годинава веќе се јави проблем. Верувам дека ако продолжи овој тренд, ќе има уште повеќе проблеми. Има недостаток на работна сила, готвачи, келнери“, вели Кутаноски.
Кутаноски вели дека за да се реши недостатокот, најверојатно ќе мора да се увезува работна сила од надвор. Но, вели за тоа да се случи ќе мора да се поедностават процедурите.
„Мора да се поедностават процедурите при добивањето на визи и склучувањето на договори за работа со луѓе од страна, бидејќи не гледам друг излез. Засега процедурите кај нас се големи. И покрај тоа што има многу невработени, нема кадар за работа. Никој не се јавува на отворените конкурси. Дури и во текот на зимата сме подготвени да вработиме луѓе за работа, иако немаме таков обем на работа, само за да го решиме проблемот. На пример Бугарија, овој проблем го решава со работна сила која ја увезува од Украина и Молдавија. Затоа ќе мора да се бара некое решение, пред наредната летна туристичка сезона“, вели Кутаноски.
За да ги задржите куварите дома, треба добро да ги платите. Денес куварите во светот се многу ценети и многу добро платени. Зошто сите да одат во Германија, Австрија или Словенија? И овде треба да им овозможите нормален живот со добри примањаСтево Карапанџа - кувар
Познатиот готвач од Хрватска, Стево Карапанџа, кој деновиве беше во посета на Охрид, вели дека единствено решение за да се задржи овој дефицитарен кадар во земјава, е сопствениците да го одврзат повеќе ќесето и да даваат поголеми плати.
„За да ги задржите куварите дома, треба добро да ги платите. Денес куварите во светот се многу ценети и многу добро платени. Зошто сите да одат во Германија, Австрија или Словенија? И овде треба да им овозможите нормален живот со добри примања. Платите помеѓу 2.500 и 4.000 евра се нормални плати за шефовите на кујни во Европа. Ако им се понудат добри плати и овде сигурно нема да имаат интерес да одат на други места“, вели Карапанџа.
Охриѓанецот, Влатко Ѓеорѓиески, веќе извесно време како готвач работи во Чешка.
„Од една страна причина за заминувањето се финансиите, иако мислам дека тие и не се толку проблем, колку што ние немаме добри услови за работа во кујните кај нас. Сметам дека сопствениците малку повеќе треба да се загрижат и да вложат во кујните. Треба да се донесе нова апаратура, а не само да се работи со скара и приготвување на риба“, вели Ѓеорѓиески.
Професорката на Факултетот за туризам во Охрид, Анѓела Крстаноска за Гласот на Америка вели дека особено оваа година, Охрид го почувствувал недостатокот на ваков кадар, пред се на готвачи од висок ранг.
Смета дека сето ова е резултат на одливот на способните и квалитетни, поради ниските примања кои ги добивале овде.
„Оваа година веќе се чувствува недостатокот на добри готвачи со искуство и квалификации стекнати надвор. За еден добар готвач потребно е познавање на интернационалата кујна, особено на француската и ориенталната кујна. Тоа е потребно затоа што Охрид се стреми да биде уште повеќе позната дестинација, која ќе привлекува туристи со поголема финансиска моќ. За сега многу од кадрите овде, во текот на летните месеци заминуваат во странство и парите кои таму ги заработуваат во текот на тие три месеци престој, во Македонија би ги зеле за една година“, вели Крстаноска.
Дополнителен проблем е што се помал е бројот на млади луѓе кои на Факултетот за туризам во Охрид се одлучуваат да се запишат на насоката за гастрономија или хотелско-ресторанската. Наспроти ова вели професорката, се повеќе се запишуваат на насоките за менаџмент во услужен сектор или царина, барајќи потоа работа во администрација.
„Во последните десет години, угостителството беше сектор, кој беше ниско платен. Оној кој завршил како готвач, се преквалификувал да заврши нешто друго и не се надградувал за готвач. Оние кои завршиле гастрономија, најчесто заминуваат во странство. Но, има и такви ресторани во Охрид кои веќе ангажираат познати готвачи, за да го направат менито и да изврши едукација на персоналот во кујната. Но, тоа е од краток обем, бидејќи ако нема готвач кој ќе го продолжи тоа ниво на квалитет, повторно ќе падне квалитетот во самиот ресторан“, вели Крстаноска.
За да се подобри ситуацијата, експертите сметаат дека треба да се работи во две насоки, а тоа е покачување на платите, но и на создавање на профил на кадри кои ќе ги поседуваат сите неопходни способности. Ако нешто не се преземе во оваа насока, тогаш сите се едногласни, дека недостатокот ќе биде видлив уште повеќе веќе претстојната туристичка сезона.