Линкови за пристапност

Охрид со послаба туристичка сезона летово, но преполн за празничниот викенд


Од туристичкиот сектор сметаат дека причината за послабата посетеност е во понудата која, како што велат, претежно е застарена и прескапа

Продолжениот празничен викенд за 2-ри Август, го наполни Охрид со гости. Се бара кревет повеќе во најголемиот туристички центар. Речиси и да нема слободен сместувачки капацитет во градот, а угостителите се надеваат на заработка повеќе деновиве.

Дополнително во овој период од туристичката сезона ќе се одржат и неколку големи музички настани, концерти и фестивали на електронска музика со настапи на уметници, изведувачи и диџеи од земјава и странство.

Сепак, од туристичкиот сектор велат дека годинешната сезона била далеку послаба од очекуваното.

Климент Наумов, туристички водич, за Гласот на Америка рече дека една од причините треба да се бара и во застарената угостителска понуда. Според него има пад на продажбата преку т.н.„букинг“ што може да биде и добар репер.

„Според најавите и резервациите Охрид ќе биде преполн за големиот празник. Но, зошто сезоната не започна како што требаше од јули месец? Можеме да наоѓаме безброј причини, но сепак можеби одговорот се крие дел во домашната туристичко-угостителска понуда која со ретки исклучоци е премногу застарена и можеби и прескапа. Ретко може да се добие вистинска вредност и квалитетна услуга за парите што ги плаќа туристот. За жал претставуваме дестинација каде рецептивните агенции даваат услуги од втора рака, т.е освен ручек и вечера во ресторан и услуга за туристички разглед со локален водич, скоро и да не се нуди нешто дополнително“, вели Наумов.

Водичот додава дека субвенционирањето на странскиот туристички промет во Македонија влијаело многу позитивно во зголемување на бројот на туристи изминатите години. Субвенционирањето вели тој треба да биде само времена мерка која би претставувала стимул за привлекување на одредени туристички пазари.

„Иако најголем дел од субвенциите завршуваат кај холандските туроператори, бројот на туристи од оваа зона драстично се намали, што укажува на потребата владата и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот итно да ја прекинат оваа мерка и можеби да ја пренасочат кон другите потенцијални пазари како Литванија и другите балтички и нордиски земји. Мора да ги споменеме и посетителите од нашите соседни земји од кои во најголем број доаѓаат од Албанија и Косово и секако традиционалните посетители од Бугарија“, вели Наумов.

Андријана Башоска, сопственичка на апартмани за сместување во стариот дел на Охрид, вели дека поразителен е податокот дека оваа година во Охрид се бара сместување најмногу за две до три ноќевања.

„Тоа е поразително, затоа што сите бараат две-три ноќевања околу 2-ри Август. Дополнителен проблем е што пред или за време на сезона за Охрид секогаш има негативна кампања. Оваа година тоа беше многу изразена поради статусот на Охрид под УНЕСКО и дивоградбите. Сето тоа придонесе за сегашната ситуација. Странските тур-оператори бараат професионалност, стабилност, да нема земјата политички превирања и добра инфраструктура, за гостите да можат да посетат што повеќе места. Откога почна да се гради автопатот Охрид-Кичево, секој ден има сообраќајни несреќи и застој. Кој би сакал по таков пат да вози“, вели Башоска.

Според неа, треба да се бараат нови алтернативни пазари, од каде би можеле да доаѓаат туристи во иднина.

„Ќе треба да се бараат нови пазари, бидејки дел од гостите веќе се дојдени овде. Што се однесува до гостите од Турција кои изминатите години беа меѓу најбројните, нивниот број е намален, бидејќи нивната валута девалвираше. Кога во некоја земја има инфлација, прв на удар е туризмот, бидејќи луѓето гледаат да си ги подмират обврските па после да патуваат“, додава Башоска.

Со промоција на туѓ шунд и брза храна не можеме да очекуваме да се случат чуда. Туристот сака да ја искуси нашата традиција од секој аспект, а не нешто што може да го добие со многу повисок поквалитет во неговиот домицил
Климент Наумов, туристички водич

За разлика од порано кога во август имаше целосна пополнетост на туристичките капацитети и кога кревет се бараше и во приградските населби, ова лето од туристичкиот сектор велат дека не е така. Состојбата е полоша во приватните сместувачки капацитети, но и во хотелите од каде велат дека освен за Илинденските празници кога биле 100% исполнети, во останатиот период имале слободни места.

„Имаме намалување на гостите од Турција, бидејќи кај нив имаше една поголема криза. Има намалување и на гостите од Полска во однос на минатата година иако тие од лани почнаа да доаѓаат и со авио-линии. Но се надевам дека после годинешниот пад ќе има подобрување. Мора да направиме нешто, да се заземе нов став како да се промовираат туристичките центри Охрид и Струга, за идната сезона да се вратиме на некоја бројка што сме ја имале лани“, рече за Гласот на Америка, Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ-Хотелска асоцијација на Македонија.

Од туристичкиот сектор предлагаат стимулативните мерки на државата да се пренасочат внатрешно кон подобрување на квалитетот на туристичкиот производ и кон зајакнување на капацитетите на домашното угостителство.

Евростат неодамна излезе со истражување според кое, 61,2 отсто од граѓаните на Северна Македонија не можат да си дозволат седумдневен одмор во некое одморалиште во текот на годината

„Време е да понудиме нешто ново и атрактивно и не треба да одиме подалеку од нашите традиционални вредности кои одамна ги немаме како дел од понудата. Охрид ќе се наполни несомнено за втори август со домашни туристи, но дали и оваа година нема да ја научиме лекцијата дека со промоција на туѓ шунд и брза храна не можеме да очекуваме да се случат чуда. Туристот сака да ја искуси нашата традиција од секој аспект, а не нешто што може да го добие со многу повисок поквалитет во неговиот домицил“, вели туристичкиот водич Климент Наумов.

Инаку 2018 година беше една од најуспешните во туризмот во Северна Македонија, кога беше достигната бројката од 1 милион туристи. Очекувањата се дека со приемот во НАТО, порастот на гости од странство драстично ќе се зголемува.

Евростат неодамна излезе со истражување според кое, 61,2 отсто од граѓаните на Северна Македонија не можат да си дозволат седумдневен одмор во некое одморалиште во текот на годината.

XS
SM
MD
LG