Линкови за пристапност

Почнува Охридско лето


Фестивалот годинава се одржува по 59. пат, а го отвора британската музичка ѕвезда со светска слава, виолинистката Ванеса Меј

Британската музичка ѕвезда со светска слава, Ванеса Меј ќе го отвори вечерва 59-то издание на фестивалот Охридско лето. Познатата музичарка со својата електрична виолина се очекува да настапи пред полн Антички театар во Охрид, односно пред повеќе од 3000 посетители.

За нејзиниот настап имаше голем интерес, а специјално за отворањето доаѓаат гости од Србија, Косово, Албанија, но и од Словенија, Грција, Турција, Англија, Шпанија.

Од Фестивалот очекуваат дека Меј сигурно ќе приреди некое изненадување за публиката, бидејќи досегашните искуства за отворањата говорат дека учесниците изведуваат по некоја стара македонска песна. Најавено е присуство и на премиерот Зоран Заев и претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Околу Античкиот театар има големо полициско обезбедување, бидејќи едно од барањата на Ванеса до организаторите е да се стави посебен акцент на безбедноста. Немала други барања освен во делот на исхраната, со оглед на тоа дека таа е веган, велат од фестивалот.

Ванеса Меј со својот тим пристигна во Охрид пред два дена, а одвои време да ужива во убавините на градот.

„Сè е подготвено за уште едно издание кое ќе се памети долго по квалитетот на програмата и уметниците што ќе застанат на фестивалските сцени“, велат од Охридско лето.

Годинава на фестивалот ќе настапат повеќе од 700 уметници, а ќе се одржат 46 настани

Охрид деновиве е во шпицот на туристичката сезона, па голем број на гости престојот во градот го користат да проследат некои од фестивалските настани, бидејќи програмата е богата и изобилува со најразлични содржини од класична музика, концерти до театарска програма.

​Меѓу оние за кои се очекува голем интерес се Гала оперскиот концерт на НОБ на 15 јули, театарската претстава „Хадерсфилд“ на Загрепскиот младински театар од Хрватска на 16 јули, настапот на ансамблот Дорико од Италија со музичари од Италија и Мексико на 21 јули. На 23 јули ќе настапи познатиот светски виолинист Стефан Миленковиќ од Србија во црквата Света Софија.

На Античкиот театар на 8 август свој настап ќе имаат Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ Србија, а концерт ќе одржи и Дуке Бојаџиев со уметници од земјава и странство.

Од театарските престави се издвојуваат „Буре барут“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје, додека свеченото затворање е со претставата „Одисеј“ од Горан Стефановски во режија на Александар Поповски во продукција.

XS
SM
MD
LG