Неколку стотина граѓани од соседна Албанија секоја година се лекуваат во болниците покрај Охридското езеро. Станува збор за пациенти кои доаѓаат од поблиските градови и населени места на Охрид и Струга. Тие ги користат услугите на трите специјализирани здравствени институции, за дијализа, специјалната болница за ортопедија и трауматологија и центарот за кардиоваскуларни заболувања, но и на двете општи болници.
„Имаме пациенти од Албанија, кои доаѓаат за амбулантски прегледи и за интервентни кардиолошки процедури, но има и интерес кај голем дел од пациенти од Албанија и Косово, кои ги бараат нашите услуги во делот на рехабилитацијата“, вели Eлена Ковачевска, директорка на Центарот за кардио-васкуларни заболувања од Охрид.
Moжности за развој на здравствен туризам постојат многу, но тоа подразбира промена на законската регулатива во делот на покривање на трошоците на пациентите кои се од друга државаНикола Бакрачески, кардиолог
Во овој центар, околу 400 пациенти од Албанија годишно доаѓаат за прегледи во амбулантскиот оддел, додека за оперативни зафати околу сто. Ова е и единствената болница во регионот што овозможува рехабилитација на лица со кардиоваскуларни заболувања.
Некои сметаат дека Охрид има идеални услови да го развива здравствениот туризам, но оти се потребни и државни мерки.
„Moжности за развој на здравствен туризам постојат многу, но тоа подразбира промена на законската регулатива во делот на покривање на трошоците на пациентите кои се од друга држава. Тоа подразбира пакети на услуги кои од една страна кои се акредитирани во Македонија и кои би биле прифатливи за оној кој ги плаќа, дали тоа би бил Фонд за здравство или приватна осигурителна компанија“, вели кардиологот Никола Бакрачески.
За сега единствено во Центарот за дијализа во Струга, пациенти од Албанија се лекуваат под исти услови како и македонските граѓани. Овде доаѓаат и пациенти од Косово и Србија.
„Република Северна Македонија има договор со Република Албанија за дваесет пациенти на дијализа, за кои нас ни плаќа Министерството за здравство“, вели Александар Попоски, директор на Центарот за дијализа во Струга.
Попоски додава дека иако во минатото бил поголем бројот на пациенти од Албанија, сепак се задоволни од вкупната бројка што доаѓа од оваа држава.
„Но, сè уште имаме околу 120 пациенти редовно, а во лето и до 170 пациенти“, додава Попоски.
Бакрачески вели дека Охрид и Струга треба да ја искористат близината со многу места во Албанија, на која Тирана им е подалечна и да привлечат што е можно повеќе пациенти од таму, бидејќи некои од здравствените гранки таму сè уште не се недоволно развиени.
Лекарите велат дека за поголем проток на пациентите е потребна промена на законската регулатива и потпишување на меѓудржавен договор.