Пукањето од огнено оружје е сè уште неизбежен декор за многу свадбени веселби во земјава. Но, честопати куршумите наместо во воздух, во функција на забавата, завршуваат на погрешно место, па не е мал бројот и на повредени лица. Поради сериозноста на повредите некои oд гостите дури завршуваат и во болница. Такви случаи имаше и ова лето.
Психологот, Милован Србиноски вели дека се работи за стари процеси, кои се резултат на традицијата од минатото.
„Зошто на свадбите баш се пука од огнено оружје, мислам дека се мисли, штом нешто е побучно, тоа е поважно и позначајно и дека е поголема прославата. Веројатно кај нас тие осовременувања на однесувањата по повод разни празници и настани оди побавно. Традицијата веројатно е повеќе задржана“, вели Србиноски.
Социологот, Татјана Стојанова Иванова вели, тоа е децениски проблем.
„За жал би рекла дека досега нема некоја ригорозна санкција и затоа секој нареден оди на народната, кога тој не е санкциониран, зошто јас тогаш тоа да не го употребам. Дали ние ќе живееме во општество кое ќе продуцира и стимулира таков вид на насилство. Ако вие на веселба употребувате таков вид на агресија, тогаш каков пример им давате на помладите генерации“, истакнува Стојанова Иванова-социолог.
Според полицискиот билтен, само во 2019 година, регистрирани биле осум случаи на пукање со огнено оружје за време на одржување на свадбени веселби, при што повредени се четири лица. Поднесени се две кривични пријави, три барања за поведување на прекршочна постапка, а едно лице било приведено.
„Многу е битно во семејството да се влијае преку воспитување на децата со личен пример. Не може да се воспитува да не се пука на свадба, а возрасните тоа да го прават“, додава психологот Србиноски.
Тоа што загрижува се и големите количини на оружје што ги поседуваат граѓаните. Според МВР на територијата на државата се регистрирани околу 180.000 парчиња оружје.
Лицето кое сака да поседува оружје морa да има:
- Да има наполнето 18 години живот,
- Да не му е одземена или ограничена деловната способност,
- Да е здравствено способно да поседува и носи оружје,
- Да не претставува опасност за јавниот ред,
- Да има оправдана причина за набавување на оружје,
- Да располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје.
Пукањето од огнено оружје на свечености се казнува со глоба 200 до 500 евра. Во случај со повредување и ранување може да се санкционира со затворска казна од една до пет, односно 10 години. Кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка се издава на физичко лице со наполнети 25 години живот. Одобрение за набавување на ловечко, односно стрелачко оружје се издава на физичко лице кое покрај овие услови, потребно е да биде активен член на ловечко или стрелачко друштво.