Линкови за пристапност

Осумдесет години 11 Oктомври: Ден за антифашистичките борци и за патот кон државотворноста


Одбележувањето на празникот годинава се случува во ек на кампања за локалните избори, како и во ек на актуелно прашање поврзано со ветото од страна на Бугарија за членство на Северна Македонија во ЕУ

Ноќта на единаесетти октомври е ден кон чаршијата во Прилеп е полна, кога родителите ги облекуваат децата во најнова облека и заедно го гледаат импровизираниот напад врз некогашниот Участок.

Но, пред осумдесет години, чаршијата во Прилеп била празна, а градот и целата земја под фашистичка окупација. Ноќта на овој ден, пред осумдесет години, 16 души од партизанскиот одред „Гоце Делчев“, со 20 пушки, неколку рачни бомби и 300-400 куршуми извршуваат вистински напад врз полициската станица, врз затворот и ги сечат телефонско-телеграфските кабли.

Во борбите нема ниту еден загинат од партизаните. Таа ноќ не се заземени објекти од окупаторот, партизаните се повлекуваат, но нивните акции ја означуваат определбата на македонскиот народ – дека застанува на страната на борбата против фашизмот.

Иако и пред 11 октомври имало поединечни судири со окупаторот, тој ден се смета за почеток на народноослободителната војна, зашто е прва испланирана и координирана акција.

Денес Северна Македонија го посветува тој ден на антифашистичката генерација што ја почна борбата за самобитност и сплотеност. Согласно јубилејната бројка, свеченостите годинава се побројни.

Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите
Зоран Заев, премиер на РСМ


Одбележувањето почна синоќа во Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде обраќања имаа премиерот Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945, д-р Никола Стојановски и градоначалникот Прилеп Јованоски.

Заев во обраќањето се осврна на историските моменти, но и на современите проблематики со кои се соочува земјата.

„Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите... Денес Северна Македонија е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот. Северна Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан“, рече Заев во обраќањето.

Тој укажа дека постапките на првоборците се аманет за сплотеност и праведност.

„Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите“, додаде Заев.

Одбележувањето на празникот годинава се случува во ек на кампања за локалните избори, како и во ек на актуелно прашање поврзано со ветото од страна на Бугарија за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија - нашата европска иднина
Никола Димитров, во интервју за „Би-би-си Радио“


Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во дел од интервју за Би-Би-Си Радио, синоќа, посочи дека постапките на Бугарија не се пријателски.

„Искрено, тие тоа го прават многу тешко. Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија - нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели.

Прославата на празникот продолжува и денеска со положување цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.

На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.

XS
SM
MD
LG