Линкови за пристапност

САД и натаму со став – можен е договор со Северна Кореја


Пјонгјанг во саботата изврши тестирање на проектили од кус дострел, но тоа не создаде загриженост во администрацијата во Белата куќа

Лансирањето на проектилите со кус дострел од страна на Северна Кореја, не предизвика голема загриженост во САД. Администрацијата од Белата Куќа и натаму е со ставот дека има простор да постигнување договор за денуклеаризација.

Државниот секретар Мајк Помпео во изјава за „Еј-би-си њуз“ истакна дека серијата проектили што биле истрелани во водите близу брегот на Северна Кореја, не преминале во територија на друга држава.

Американскиот дипломат изрази уверување дека и натаму постои можност за постигнување договор со Пјонгјанг за нуклеарната програма. Помпео додаде дека лансирањето на проектилите, кое било следено од Ким Јонг Ун, не претставува пречка за можните идни разговори.

Претседателот Доналд Трамп, пак, во саботата истакна дека е уверен во постигнување договор со Јонг Ун. Преку објава на „Твитер“, Трамп нагласи дека Ким целосно го разбрал економскиот потенцијал на Северна Кореја и дека не би направил ништо што би ги урнало тие можности.

Според Помпео, САД и Северна Кореја продолжиле со комуникација после пропаднатиот самит во Февруари во Виетнам.

Пјонгјанг тогаш побара целосно симнување на санкциите, како услов за откажување од нуклеарната програма. Сепак, според Помпео, неопходно е Пјонгјанг прво да се ослободи од нуклеарниот арсенал. Тоа, како што вели Помпео, ќе биде голем чекор што ќе отвори можности за економски промени во Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG