Линкови за пристапност

Нисан го отстрани од бордот поранешниот шеф на компанијата Карлос Гон


Заедно со Гон, отстранет е и поранешниот директор, Американецот Грег Кели. Двајцата се соочуваат со обвиненија за финансиски измами

Јапонскиот авто-производител, Нисан, го отстрани од бордот поранешниот шеф на компанијата Карлос Гон. Заедно со Гон, од бордот е отстранет и Американецот и поранешен извршен директор, Грег Кели. Двајцата се соочуваат со обвиненија за финансиски проневери.

Акционерите на Нисан ја одобрија мерката после тричасовна средба во Токио. Пред гласањето за одлуката, извршниот директор на Нисан, Хирото Саикава, заедно со останатите први луѓе на компанијата се поклонија пред акционерите во знак на извинување за настаната ситуација.

Гон прво беше уапсен во ноември минатата година, поради сомневања дека прикажувал пониски суми од реалните што ги заработувал од Нисан во периодот од 2010 до 2015 година.

Беше ослободен во март со кауција, но минатата недела повторно е уапсен под обвинение дека околу пет милиони долари преку претставништво на Нисан во Оман биле префрлени на сметка на компанија што била под контрола на Гон.

Гон, како и Американецот Кели, ги отфрлија обвинувањата упатени кон нив.​

XS
SM
MD
LG