Линкови за пристапност

Загадувањето станува проблем на националната безбедност


По средбата со активистите од НВО за заштита на животната средина, претседателот Стево Пендаровски најави вметнување на еколошката безбедност во Стратегијата за одбрана

„Загадената животна средина нè засега сите и затоа мора овој проблем да го решаваме преку соработка и поинтензивна меѓусебна координација. Од денешната, исклучително конструктивна средба со граѓанските организации, произлегоа неколку иницијативи. Заштитата на животната средина ќе биде точка на Советот за национална безбедност кој ќе се одржи кон средината на декември. Стратегијата за одбрана ја враќам во постапка со цел во неа да се вметне точка за еколошка безбедност. Исто така, ќе се заложам да се создаде Национален фонд за заштита на животната средина, а во рамки на образовниот систем, да се вметнат задолжителен број на часови преку кои учениците ќе ја сфатат важноста од здрава животна средина“, порача претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, по средбата со потписниците на Отвореното писмо во врска со заштитата на животната средина, упатено на негова адреса на 30 октомври, а во кое беа наведени барања за ублажување на загаденоста.

Ќе се заложам да се создаде Национален фонд за заштита на животната средина, а во рамки на образовниот систем, да се вметнат задолжителен број на часови преку кои учениците ќе ја сфатат важноста од здрава животна средина
Стево Пендаровски, претседател на С.Македонија


По средбата со претставници од 14 организации кои реагираа поради енормното загадување во земјата, претседателот решил точката за аерозагадувањето над македонските урбани центри да биде на дневен ред на следниот состанок на Советот за национална безбедност, што обидите за решавање на овој актуелен проблем ги крева на повисоко ниво

Пендаровски потенцирал и дека е подготвен да ги поддржи „сите граѓански иницијативи што се во функција на надминување на овој проблем и да помогне во нивната комуникација со надлежните институции“, а ја поздравил и иницијативата на Министерството за животна средина за донесување на нов закон за управување со отпад.


Еден од учесниците на средбата, долгогодишниот еко-активист Дуле Груевски од Битола, за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека на средбата било договорено на седницата на Советот за национална безбедност да бидат присутни и два или три члена од неформалната коалиција на активисти, движења и организации, кои беа гости на Пендаровски

Како дел од „Битола сака чист воздух“, Груевски ни изјави дека активистите се свесни оти Пендаровски не може нив да ги застапува пред институциите, но и дека посетата кај претседателот бил последениот чекор што им останал на заштитниците на животната средина.

„Ако и ова не се исполни, гарантирам, а сигурен сум барем за Битола, а можеби и пошироко, зашто, веројатно зборувам во името на сите, ние ќе настапиме со граѓанска непослушност. Пред самите избори, ќе излегуваме таму каде нè почитуваат и ќе бараме да не излегуваат на избори. Ќе се обидеме да го блокираме целиот државен апарат, бидејќи нивната дрскост, или барем на дел од државниот апарат, ги преминува сите граници“, ни изјави Груевски.

„Претседателот ни е последната надеж. Доколку и по средбата со него и по сè што тој ќе се обиде да стори, не се промени односот на институциите, не ни останува друго, освен да организираме блокади и да ја искажеме граѓанската непослушност“, вели Груевски за Гласот на на Америка на македонски јазик. „На состанокот побаравме и итна заложба на претседателот за отпочнување на процесот за изградба на регионалните стандардизирани депонии за комунален отпад, што е порблем шти ги мачи речиси сите македонски градови“, ни рече Груевски.


На средбата, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРСМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, некои од учесниците побарале и ангажирање на Армијата за решавање на горливиот проблем со загадувањето, но во соопштението од Кабинетот, по состанокот, се вели дека Армијата не може да се вклучи во борбата против аерозагадувањето, бидејќи внатрешниот ред на државата е во надлежност на полицијата.

Самиот Пендаровски, на состанокот истакнал дека Армијата придонесува за заштита и за унапредување на животната средина преку низа активности „како што се засадување нови садници на опожарените места и нивно расчистување, пошумување, расчистување на отпад од речни корита, селекција на отпад, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина“.

Пред претседателските избори, неколку граѓански здруженија и активисти покренаа иницијатива „Зелена заклетва“ која ја потпиша и тогашниот кандидат Пендаровски, кој тогаш ги најави своите заложби: загадувањето да се третира како натпартиско прашање, а заедно со сите засегнати страни, граѓаните и граѓанскиот сектор, да се постави стратегија до која сите ќе се придржуваат, како и воспоставување на блиска соработка со земјите од регионот и со меѓународните тела кои можат да придонесат за ефикасно решение на овој горлив проблем.

Како што беше најавено по средбата на претседателот со активистите, конечно е можна промена на состојбите во поглед на заштитата на животната средина.

Денеска и генералниот директор на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, најави дека до крајот на годината комбинатот ќе добие А-интегрирана еколошка дозвола, а последниот чекор е поврзан со одржувањето на јавната расправа што треба да ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање. „Очекуваме до крајот на оваа календарска година да ја добиеме посакуваната А-интегрирана еко-дозвола чиј процес за нејзино добивање почна во 2010 година, но за жал, заради нечија неажурност или несакање тоа досега не беше реализирано“, изјави во медиумите Ќурчиевски.

Но, во денешното соопштение за медиуми, по средбата со Пендаровски, Здружените граѓански организации и иницијативи (Скопје Смог Аларм, Не биди ѓубре. О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Еко Герила, Група граѓани Визбегово, Граѓанско движење „Битола сака чист воздух“, Fridays For Future Skopje, АirCare – МојВоздух, Ние сме Карпош 4, Го Сакам Водно, Движење за чист воздух, ЕкоКарпош 3, 2,1), потенцираат дека остануваат при своите барања, зашто според нив, „над 25,000 наши граѓани починале прерано изминативе осум години поради загадениов воздух кој го дишеме, институциите не ни функционираат, полицијата затајува во својата основна функција, живееме со затворени прозорци најголем дел од годината поради токсичниот чад кој се шири од околните запалени диви депонии, кабли, гуми, неутврдени извори на смрдливи хемикалии кои ни ги печат очите, грлото, ни го земаат здивот“.

Здружените организации пишуваат дека на Пендаровски му порачале: „Ние живееме во вонредна, кризна состојба, за која изостанува официјална декларација... Претседателот е последната инстанца, надеж во долгиот ланец на институции до кои сме се обратиле во нашата долгогодишна и исцрпувачка борба на залагања, барања, чекања и очекувања институциите како организиран систем да нè изведат од вонредната состојба во која живееме и ни го вратата назад правото на здрава животна средина загарантирано со Устав. Се соочивме со неагилноста и неодговорноста на локалната власт, како најблиска да ги реши нашите непосредни проблеми. Се соочивме со некоординираноста и недоволна активност на централната власт, како во повикувањето на локалната да ги спроведе активностите доделени со децентрализацијата, така и во исполнување и спроведување на законските одредби на централно ниво. Немањето на поддршка од МВР ја поткопа довербата дека е сојузник во решавањето на проблемот. Ова е последна институција кон која го испраќаме нашиот апел“.

Активистите бараат „официјализирање на кризната, вонредна состојба во која живееме со години. Доколку преземените активности од координативниот состанок на надлежните институции на централно и локално ниво во врска со енормното загадување на воздухот, одржан на 01.11.2019 во просториите на Владата, не дадат очекуван резултат за кратко време, бараме прогласување на кризна состојба и учество на Армијата во поддршка на полицијата, согласно законот за управување со кризи’.

Исто така, бараат и „загадувањето и климатските промени да се третираат и класифицираат како закана и ризик по националната безбедност и преминат од ‘само’ еколошки проблем во безбедносен проблем...“, изразуваат надеж дека „претседателот ќе успее да влијае Буџетот за 2020 да се приближи кон нужните и реални потреби на ова поле, еден од приоритетите на сите држави во ЕУ“ и потенцираат дека е неопходна зголемена контрола на увозот на отпад. Активистите бараат и Шар Планина да се прогласи за национален парк во најитен можен рок, – да престане изградбата на мини-хидроцентрали кои имаат негативно влијание врз реките, донесување на закон за комунална полиција, решавање на проблемот со ОХИС.

XS
SM
MD
LG