Компанијата „Спејс Икс“, рано утринава од платформата на „Кејп Канаверал“ во Флорида, успешно ја лансираше ракетата Фалкон 9, натоварена со 57 сателити за безжична комуникација.
Вселенските комуникациски уреди се дел од проектот Старлинк, а чија цел е распоредување стотици сателити во орбитата на Земјата за поддршка на нова глобална интернет мрежа.
Со последното лансирање, „Спејс Икс“ во орбитата постави 600 сателити Старлинк, кои, како што се планира, треба да овозможат брз интернет за корисниците во секоја точка од планетата. Сервисот за корисниците во САД и во Канада се очекува да стартува кон крајот на оваа година.
После доставувањето на сателитите, ракетата успешно слета на Земјата.
Изминатата недела, вселенската комерцијална компанија успешно ја изведе и операцијата за враќање на астронаутите на НАСА од Меѓународната вселенска станица, кои го сочинуваа првиот екипаж лансиран од американско тло после десет години пауза.