Линкови за пристапност

Ветија дека ќе бидат добри граѓани: Педесетина лица станаа Американци на Денот на независноста


Ветија дека ќе бидат добри граѓани: Педесетина лица станаа Американци на Денот на независноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:11 0:00

Церемонијата за натурализација се одржа на некогашниот имот на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон на Маунт Вернон, во близина на главниот град на САД

По повод Денот на независноста, низ САД се одржаа и церемонии во кои голем број лица станаа американски државјани. Една од тие церемонии се одржа и кај некогашниот дом на првиот претседател на САД, во близина на Вашингтон.

Емоции, честитки, солзи, аплаузи ја одбележаа церемонијата со која педесетина лица станаа натурализирани Американци. Настанот се одржа на некогашниот имот на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон на Маунт Вернон.

Речиси 7.500 лица деновиве станаа нови државјани на САД. Во периодот од 1 до 5 јули низ целата земја се одржаа 110 церемонии за натурализација.

Свеченоста кај спомен-домот во близина на Вашингтон, почна со церемонија посветена на борбата за независност на САД.

Волонтери облечени во униформи на некогашните колонисти, се построија пред посетителите, а беше прочитана и Декларацијата за независност.

Се одржа и кус марш со знамиња. Тоа беше вовед кон финалните моменти од долгото чекање на педесетмината мажи и жени да го добијат американското државјанство.

"Седумнаесет години чекам за државјанство. Чувството е одлично кога конечно сум државјанин. Беше долго патување", вели Јогеш Савант, Натурализиран Американец од Индија.

Главен дел од церемонијата беше заклетвата. Со десната рака во воздух новите американски државјани се заколнаа дека ќе ги штитат уставот и законите на САД.

Кога дојде ред за химната, сите ставија рака на срце и упатија поглед кон американското знаме.

На радоста потоа ѝ немаше крај. Секој си имаше причина да се радува за новата татковина.

"Кога емигрираш од едно на друго место, сакаш да станеш дел од новата средина. Ова за мене е финалниот чекор во желбата да станам Американка", рече Аранта Алиман, Натурализирана Американка од Мексико.

Имаше и солзи.

"Ќе гласам, ќе бидам добар граѓанин. Верувам дека колку даваме од себе, толку подобра енергија се шири околу нас", низ солзи истакна Рене, Натурализирана Американка од Јужна Африка.

Откако се заколнаа и си честитаа едни со други, новите Американци веднаш добија право да се регистрираат како гласачи. Од домот на Џорџ Вашингтон заминаа со нова надеж за себе.

XS
SM
MD
LG