Македонските војници се повлекуваат од Авганистан. Од Министерството за одбрана на Северна Македонија истакнаа дека ќе ги следат одлуките донесени на вчерашниот министерски состанок на НАТО, а на кој беше донесено решение силите на Алијансата да почнат со повлекување од 1-ви мај годинава.
На состанокот, што се одржа онлајн, од македонска страна учествуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Ќе постапиме според одлуката на министерскиот состанок на сојузничките сили. Точните датуми за нашите припадници уште не се одредени, но повлекувањето на сите сојузници треба да заврши до 11 септември“, велат во изјава за Гласот на Америка од македонското министерство за одбрана.
Истото го истакнуваат и од Министерството за надворешни работи.
„На вчерашниот состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на НАТО на кој учествуваа министрите Бујар Османи и Радмила Шекеринска, беше подржана иницијативата за повлекување на сите сојузнички сили на НАТО од Авганистан, почнувајќи од 1 мај 2021 година. Се очекува целиот процес на повлекување да заврши до месец септември оваа година, што подразбира и повлекување на Армијата на Република Северна Македонија“, се вели во одговорот што од МНР го доставија до Гласот на Америка.
Одлуката за повлекување на сојузничките сили ја соопшти Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој истакна дека Алијансата не го напушта народот на Авганистан, туку дека следи ново поглавје во кое самата земја ќе треба да работи на градење одржлив мир.
„Во Авганистан влеговме заедно. Заедно и заминуваме“, рече Столтенберг за одлуката која се надоврзува на одлуката на САД да ги повлечат своите сили од Авганистан.
Северна Македонија во Авганистан има 22 припадници од кои 17 лица се армиски персонал, а петмина се медицински персонал. Регуларната ротација на нашите војници им завршува летово.
Нашата земја во мировните мисии во Авганистан учествува од 2002 година. На почетокот нашето учество беше како партнер на НАТО, а од пред една година и како полноправна членка на Алијансата. Во рамките на мисиите таму беа испратени повеќе од 3.100 лица од повеќе профили, како штабни офицери и подофицери, ментори, пешадиски единици и медицински персонал.