Линкови за пристапност

Роденденски собир на НАТО во Вашингтон: Алијансата се соочува со тешки предизвици


Министри, воени аташеа, лица во високи воени чинови се присутни на сесијата што по повод 70 години на НАТО се одржува во главниот град на САД

НАТО се соочува со тешки предизвици, рече Роуз Готемелер, заменичка на генералниот секретар на Алијансата, на отворањето на сесијата „НАТО Енгејџис“ (NATO Engages) што денеска се одржува во Вашингтон по повод седумдесет години од постоењето на оваа воено-политичка организација.

Министри, воени аташеа, лица во високи воени чинови се присутни на сесијата што се одржува покрај реката Потомак во главниот град на САД.

Настанот се пренесува во живо, а говорниците, претставници од државите-членки на НАТО, како и добри познавачи на состојбите во алијансата, одговараат на прашања поставени од модераторите и од присутните во една од салите на вашингтонскиот концертен дом, Антем.

Заменичката на генералниот секретар, Јенс Столтенберг, зборуваше за повеќе прашања поврзани со активностите на НАТО. Таа меѓу другото го спомна и излегувањето на САД од договорот за контрола на нуклеарното вооружување. Готемелер истакна дека алијансата нема да се вклучи во каква било нова трка за вооружување.

„Членовите на Алијансата се согласни околу тоа дека Русија со новиот ракетен систем го прекрши договорот. Но, начинот на кој ќе се одговори ќе се разгледува во насока на главната цел на НАТО, а тоа е одбрана, а не агресија. Ние сме бранители, а не агресори“, истакна Готемелер.

Таа рече и дека ситуацијата во Црното Море станува проблематична поради руското заробување украински морнари и додаде дека ќе биде зголемено присуството на алијансата во тој регион, како и во Украина и Грузија.

Особено голем интерес кај публиката поттикна сесијата со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Тој се соочи со остри прашања во врска со одлуката за опремување на турската армија со руските ракетни системи Ѕ400.

Чавушоглу истакна дека Турција е независна земја и дека договорот со Русија не ги прекршува релациите на неговата земја со сојузниците од Алијансата.

„Договорот со Русија е завршена работа. Сакавме да купиме системи од сојузниците, но безуспешно. Тоа го правиме за одбрана на нашата земја. НАТО нема доволно капацитет да го заштити турскиот воздушен простор. Овој систем е за наша употреба и нема да биде за користење во НАТО“, рече Чавушоглу.

Во однос на најавата од САД дека е можно да запре испораката на авионите F35 за Турција, Чавушоглу изрази верување дека е тоа нема да се случи зашто, како што рече, Турција и самата е дел од проектот за производство на тие авиони.

Чавушоглу рече и дека имало телефонски разговор меѓу претседателите Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган околу испораката на воените авиони.

Одговарајќи на прашање за релациите што Турција ги гради со Русија, Чавушоглу рече дека целта им е да одржат баланс во односите меѓу Западот и Москва, но дека одлуката за својата политика ќе ја носат сами.

„Турција е независна земја и сакаме да имаме добри односи со нашите соседи. Никој не треба да ни каже која страна да ја заземеме“, рече турскиот министер.

Во првата половина од сесијата за јубилејот на НАТО стана збор и за иновациите што треба да ги направи Алијансата, а во насока да може да се соочи со новите кибернетски закани.

Учесниците во овој дел од сесијата истакнаа дека НАTO сè уште не е подготвено целосно за да им парира на нападите што вклучуваат цивилни форми, како што се социјалните медиуми, вештачката интелигенција, кибер просторот.

„Најголема цел е бргу да се адаптираме. Не сме подготвени за тоа што подразбира невоена интервенција. Потребна ни е трансформација и поддршка од сектори што имаат поголеми капацитети за соочување со закани што доаѓаат преку новата технологија“, рече адмиралот Манфред Нилсон од НАТО.

На денешната сесија во Вашингтон, ќе се одржи и заеднички разговор со министерот за надворешни работи Никола Димитров и неговиот грчки колега Георгиос Катроугалос.

XS
SM
MD
LG