Линкови за пристапност

Пелоси најави истрага за импичмент на претседателот Трамп


Спикерката на претставничкиот дом и лидерка на демократите во Конгресот на САД, обвини дека претседателот ја условил помошта за странска влада со неговиот реизбор во 2020 година

Спикерката на Претставничкиот дом и лидерка на демократите во американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, најави и официјална истрага за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп и обвини дека ја условил помошта за странска влада со неговиот реизбор во 2020 година.

„Со постапките на претседателот сериозно го прекршува Уставот. Претседателот мора да поднесе одговорност. Никој не е над законот“, рече Пелоси во нејзиното обраќање.

Спикерката го обвини Трамп дека го прекршил својот завет кон функцијата, националната безбедност на САД, како и дека им наштетил на идните избори.

Претседателот, кој е во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации, се врати во својата Трамп кула за да го следи обраќањето на Пелоси.

Набргу тој одговори со неколку коментари на Твитер, нарекувајќи го говорот на спикерката „Вознемирување на претседателот“.

"Толку значаен ден во Обединетите нации, толку многу работа и успех, а демократите намерно го уриваат тоа со лов на вештерки. Лош потег за нашата земја“, напиша меѓу другото Трамп.

Со месеци Пелоси одбиваше да покрене и формална постапка за импичмент на Трамп во врска со сомневањата за опструкција на правдата за време на претседателските избори во 2016 година.

Но, притисокот врз Пелоси се зголеми во последните неколку денови после извештаите дека Трамп побарал од Украинскиот претседател, Володимир Зеленски да покрене истрага за ангажман на синот на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден во украинска компанија за гас на високо платена позиција.

Трамп рече дека ќе го објави целосниот транскрипт од разговорот со Зеленски што се одвивал во јули. Сепак, демократите сметаат дека Трамп го условил Зеленски со помошта под САД за да биде покрената истрага против Бајден.

Трамп и Зеленски се очекува да се сретнат денеска во Њујорк во рамките на Генералното собрание на ОН.

XS
SM
MD
LG