Линкови за пристапност

Обезвреднета книжевност: Младите автори и творештвото пред егзистенцијален предизвик


Домашното творештво е најголем браник на културата, јазикот и идентитетот. Сепак, младиот автор и домашната книжевност се во континуирана состојба на егзистенцијален предизвик. Опстојувањето од пишување е речиси невозможно.

Дали македонскиот книжевен автор денес може да егзистира само од пишување? За ова прашање разговаравме со дел од домашните писатели од релативно помладата генерација.

Обезвреднета книжевност - творештвото и авторите пред егзистенцијален предизвик
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:37 0:00


„Без разлика колку имате успех, колку тиражи имате продадено или колку домашни и меѓународни награди имате, за жал не може да се живее од тоа. Не можеме и да кажеме дека некој од нас е професионален писател и дека само тоа го работи“, вели писателот Петар Андоновски.

Од пишување романи или уште потешко од пишување поезија, не може кај нас да се живее. Токму поради тоа што сме мал пазар, мала читателска средина.
Фросина Пармаковска, писателка


Петар Андоновски и Фросина Пармаковска, се добитници на наградата „Роман на годината“, а нивните дела добија преводи и во странство. Сепак, не веруваат дека книжевното творење дома е доволно за материјална егзистенција.

„Од пишување можеби може, но како широк поим. Сега, има пишување по нарачка, пишување комерцијални текстови. Меѓутоа од пишување романи или уште потешко од пишување поезија, не може кај нас да се живее. Токму поради тоа што сме мал пазар, мала читателска средина. Колку и да сте успешен како писател, тоа не е доволно“, истакнува Пармаковска.


Годишниот конкурс од Министерството за култура засега е единствениот начин за стимулација на домашното творештво, особено кај младите автори. Но, таа поддршка е неизвесна до последен момент.

Секогаш кога ќе напишам нова книга, првенствено не сум сигурен дали ќе биде поддржано од Министерството за култура. Знаеме дека без таа поддршка, издавањето книги е речиси невозможно
Петар Андоновски, писател


„Секогаш кога ќе напишам нова книга, првенствено не сум сигурен дали ќе биде поддржано од Министерството за култура. Знаеме дека без таа поддршка, издавањето книги е речиси невозможно“, додава Андоновски.

Писателката Румена Бужаровска, пак, нагласува дека тие средства се далеку од доволни.

„Тоа се средства што доаѓаат еднаш и не можат да го стимулираат авторот повторно да пишува. Излегува како една, две плати месечно“, вели Бужаровска.

Силен стремеж на младите автори е нивните дела да добијат превод и што поскоро да стигнат до странските читатели. Во недостаток од доволна институционална поддршка, самите творци бараат алтернативни решенија.

Фросина Пармаковска и Петар Андоновски
Фросина Пармаковска и Петар Андоновски


„Секој писател треба веќе да размислува во таа насока, на себе промоција. Што може да направи, па и по цена на соработка со други луѓе“, смета Пармаковска.

Книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска е еден од светлите примери за книжевен успех. Делото бргу си го најде патот до читателите надвор од земјата, а во Германија беше прогласена и за книга на неделата.

Многу повеќе треба да дискутираме за нашиот јазик, отколку за странските јазици. Да се праќаат лектори во странство, зашто така се создаваат преведувачи.
Румена Бужаровска, писателка


„Секогаш е многу битно авторот да го има своето дело преведено на англиски јазик, па макар и само така да си го има на страна. Тоа е затоа што ние не сме земја за која се интересираат странските издавачи. Не сме атрактивни. Тие не сакаат да ризикуваат со превод и пласирање на вашата книга ако претходно не ја прочитале“, вели Бужаровска.

Сепак, и натаму нема доволно преведувачи од македонски јазик на странските јазици. За тоа е потребна долгорочна стратегија.

„Многу повеќе треба да дискутираме за нашиот јазик, отколку за странските јазици. Да се праќаат лектори во странство, зашто така се создаваат преведувачи. Лекторатите да заживеат, повеќе да се фокусираме на изучувањето на нашиот сопствен јазик, во рамките на оваа држава“, додава авторката на „Мојот маж“.

Министерството за култура има постојан конкурс за странски издавачи што би се заинтересирале да објават дела од македонски автори. Но, според познавачите, ефектот е сè уште мал.

„Мислам дека тоа не е доволно и самиот тој фонд не е доволно познат до странските издавачи“, вели Ненад Стевовиќ, основач и ко-сопственик на издаваштвото „Или-Или“.


Од ресорното министерство, пак, нагласуваат дека конкурсот е активен цела година. Така, во 2020 година имало преводи на 20 македонски дела на седум јазици. Годинава, пак, до септември, биле одобрени средства за превод на 29 дела, на 13 јазици.

Влада Урошевиќ, Горан Стефановски, Гоце Смилевски, се дел од авторите чии дела добиле поддршка за превод во странство. Најчесто се преведувало на бугарски и на српски јазик, а имало преводи и на персиски и на арапски јазик.

XS
SM
MD
LG