Продуцентот и автор на документарни филмови, Мајкл Пек, кој од страна на администрацијата на Доналд Трамп е номиниран за нов директор на Американската агенција за глобални медиуми, имаше сослушување пред Сенатот.
Пред комитетот за надворешни работи при Сенатот, Пек нагласи дека, доколку биде потврдена неговата номинација, ќе ја гарантира новинарската независност на Агенцијата, а под која спаѓа и Гласот на Америка.
„Целата Агенција се потпира на ставот дека новинарите треба да бидат независни, дека ниту едно политичка страна не треба да им кажува како да известуваат и што да кажат. Без таа доверба, Агенцијата ќе биде целосно разнишана“, рече Пек пред членовите на Комитетот.
Пек е продуцент на документарни видео содржини, а беше на чело и на конзервативниот институт Клермонт. Тој има зборувано против перцепираната либерална пристрасност во филмската индустрија.
Годишниот буџет на Агенцијата за глобални медиуми е 628 милиони долари, а во себе опфаќа повеќе меѓународни медиумски организации што емитуваат содржини во сто земји и имаат публика од 345 милиони луѓе.
Во рамките на Агенцијата, покрај Гласот на Америка, кој емитува на повеќе од 40 јазици во светот, спаѓаат и ТВ и Радио Марти што емитува во Куба, мрежата на арапски јазици Алхура, Радио Сава, како и Радио Слободна Европа, Радио Слобода и Радио Слободна Азија.