Благодарна сум им на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што им понудија засолниште на авганистанските сојузници, особено на жените и цивилните лидери, додека САД ги евакуираат оние што се под директна закана од Талибанците. Се надевам и очекувам тоа да го следат и другите.
Ова денеска преку „Твитер“ го објави поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, која упати благодарност што македонските власти се огласиле на барањето на САД, да примат кај себе бегалци од Авганистан, откако власта таму ја презедоа Талибанците.
„Мораме да се фокусираме на спасување животи во Авганистан“, напиша Олбрајт.
Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја.Зоран Заев - изјава за „Канал 5“
Премиерот Зоран Заев денеска во изјава за „Канал5“ истакнал дека државата е подготвена да прифати цивилно население од Авганистан.
„Ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан“, рекол Заев во изјавата за „Канал 5“.
Според премиерот, бегалците би биле сместувани во хотели и одморалишта низ земјава, а трошоците за нивниот престој и за оперативните постапки би биле покриени од страна на САД.
Барањето на САД е за помош на лица кои во изминатите две децении работеле претежно како локални преведувачи или извршувале други помошни задачи во Авганистан. Се стравува дека Талибанците ќе извршат одмазда токму врз тие лица.
Како што попладнево пренесе „Асошиејтед прес“, претседателот на Авганистан ја напуштил земјата, со што Талибанците целосно ја презеле власта во земјата. Според јавувањата од теренот, пренесува агенцијата, илјадници луѓе се упатени кон аеродромот во Кабул, со надеж дека ќе ја напуштат земјата.
САД со хеликоптери организираа итна евакуација на персоналот од американската амбасада во Кабул.