Линкови за пристапност

Денови на медиумската писменост


Под мотото „Застани, размисли, провери!“ ќе се зајакнува јавната свест за важноста на медиумската писменост, ќе се запознаваат различни категории граѓани од сите возрасни групи и ќе се обезбедува платформа за соработка и размена на искуства меѓу професионалци од разни сектори во општеството

И Македонија се вклучува во одбележувањето на осмата „Глобална недела на медиумска и информациска писменост“ на УНЕСКО, која ќе се одржува од 24 до 31 октомври. „Мрежата за медиумска писменост“, од денеска, со одржувањето на прес-конференција во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, па сè до 15 ноември, ќе ги организира „Деновите на медиумската писменост 2019“.

Во текот на манифестацијата, граѓаните од Скопје и од други градови, низ разни активности, ќе можат да се вклучат во триесетина работилници, дебати, вебинари, отворени денови и настани во чиј фокус се различни аспекти на медиумската писменост. Под мотото: „Застани, размисли, провери“ ќе се зајакнува јавната свест за важноста на медиумската писменост со запознавање на различни категории граѓани од сите возрасни групи за аспектите на важноста на медиумската писменост.


„Мрежата за медиумска писменост“ во чии 53 членки спаѓаат и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Советот за етика во медиумите на Македонија, „Евротинк“, Фондацијата „Метаморфозис“, Младинскиот образовен форум, „Лице в Лице“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници..., е формирана во 2017 година. Годинава, со мошне богатата програма на „Деновите...“ е предвидено стекнување на вештини на деца и млади, но и на возрасни и на пензионери - за медиумска писменост. Од друга страна, ќе се работи и на создавање на „платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост меѓу професионалци кои доаѓаат од различни општествени сектори на делување: јавни, приватни, државни, владини, невладини организации, индивидуалци и медиуми...“

Во четврток на 24 октомври ќе се организира видео – дискусија: „Борба со дезинформации – реалност или празни ветувања?“, во организација на Младинскиот образовен форум, а следниот ден, отворена седница на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите,


Според агендата, следната недела, Институтот за комуникациски студии ќе организира работилница за препознавање лажни вести и дезинформации, за жени и за пензионери, Советот за етика во медиумите ќе организира дебата во Тетово, а „Метаморфозис“ и „ЕвроТинк“ ќе организираат во Скопје, дебата на тема „Саморегулација во медиумите – состојби, предизвици и можности“.

Со учество на медиуми во Скопје, Струмица, Куманово и Битола, Институтот за комуникациски студии, ќе го одржи „Медиумскиот ден за средношколци, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе има Отворен ден за граѓаните.

На 4 ноември ќе биде презентиран Извештајот за мониторингот на родовиот баланс во известувањето кај медиумите во Македонија“, а на 5 ноември ќе биде доделена наградата „Медиум промотер на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“, во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Покрај работилниците со средношколци во организација на Институтот за комуникациски студии - за препознавање лажни вести и дезинформации, ќе се организираат и четири вебинари: „Безбедност на Интернет“ и „Борба против говор на омраза на социјалните мрежи“ („Метаморфозис„ и „ЕвроТинк“), „Провери, па објави“ и „Алгоритмите зад вестите“ (Институт за комуникациски студии).

Младинскиот образовен форум, во Клубот на новинарите ќе организира тркалезна маса: „Предизвици за младите новинари во ера на дезинформации“, а ќе се одржи и дводневна конференција „Денови на медиумска писменост 2019“, на која ќе бидат презентирани резултати од Истражувањето за нивото на медиумска писменост кај возрасните лица (16+), во организација на АВМУ и ОБСЕ, дебата „Ај на кафе во живо“: „Младите и консумеризмот“ (Институт за комуникациски студии), работилница за медиумска писменост со политички подмладоци, Саем на медиумска писменост, панел дискусија и донаторска координација...

Покрај невладиниот сектор и цеховските организации, и власта е посветена на борбата против лажните вести и кревањето на нивото на медиумската писменост кај граѓаните. На 19 септември, на официјалната веб страница на Владата, под наслов „Државниот врв промовира заедничка борба против лажните вести“ е најавена борбата против дезинформациите и лажните вести „како дел од предизвиците на демократијата и како алатка која се користи за манипулација на граѓаните“.

Посочувајќи дека во изминатите две години Македонија се соочувала со масовно ширење на лажни вести и дезинформации, од кои дел биле споделувани и од териториите на други држави, и „имајќи ја предвид злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања кои вршат сериозен упад во демократските и изборни процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите“, на иницијативата на Владата, се одржа конститутивниот состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации, на кој присуствуваа претседателите на државата, на Собранието и на Владата претставници на нивните кабинети, министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи, за информатичко општество и администрација, и директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативно техничката агенција.

Премиерот Зоран Заев тогаш потенцираше дека „пропагандата, дезинформацијата и лажните вести имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство, и конечно, да ги поткопаат демократиите и да ја намалат довербата во демократските вредности“ и најави серија консултации „со граѓанските организации, со новинарскиот еснаф, со медиумските организации, со факт-чекерите, со граѓаните, со сите кои сакаат да се вклучат и со сите кои веќе предводат иницијативи против дезинформациите“. А претседателот на државата Стево Пендаровски истакна дека „иницијативи од овој тип преземаат не само владите и државните институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации кои знаат дека борбата со дезинформациите ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на Интернетот, но, знаат дека тоа, пред сè, значи и преземање на сериозна општествена одговорност за нашата заедничка иднина“.

XS
SM
MD
LG