Линкови за пристапност

Последни во Европа според медиумската писменост, лажните вести во подем во македонското општество


На последна позиција се наоѓа Северна Македонија според Индексот на медиумска писменост, а за кој стана збор на Конференцијата во Скопје, за борба против дезинформациите. Познавачите на состојбите апелираат – мора целото општество да преземе мерки

На последно место според Индексот на медиумска писменост се наоѓа Северна Македонија. Ова, меѓу другото, беше нагласено на Конференцијата што деновиве се одржа во Скопје, а на која фокусот беше ставен на борбата со дезинформациите.

Македонското општество последно во Европа според медиумската писменост
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00

„Неодамнешниот Индекс на медиумска писменост од Институтот отворено општество од Софија, покажа загрижувачки податоци за Западен Балкан, а особено за Северна Македонија. Извештајот покажа слабо справување со лажните вести и недоверба во науката“, истакна евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.

Системски проблем во кој се вклучени повеќе релевантни актери. Тоа се некогаш таканаречени новинари, бизнисмени, бизниси кои ги поддржуваат финансиски и многу често, политички актери
Билјана Петковска, директорка на МИМ


Домаќин на Конференцијата беше Македонскиот институт за медиуми. Од таму велат дека причината за оваа состојба во е повеќестрана.

„Проблемот не потекнува само од медиумските професионалци, туку е системски проблем во кој се вклучени повеќе релевантни актери. Тоа се некогаш таканаречени новинари, бизнисмени, бизниси кои ги поддржуваат финансиски и многу често, политички актери“, вели Билјана Петковска, директорка на МИМ.

Ширењето на лажните вести, како што беше нагласено, особено се зголемило со појавата на ковид-19.


Пробивот на дезинформациите, пак, според истражување во рамките на проектот Борба против лажни наративи, на граѓанската асоцијација „Мост“, се одвива низ пет столба. Тие се: Напаѓање или навредување, извртување, одвлекување на вниманието, вознемирување и креирање поделби или нивно продлабочување.

Пет столба на лажни наративи: Напаѓање или навредување; Извртување; Одвлекување на вниманието; Вознемирување; Креирање поделби или нивно продлабочување.


„Исто така имаат за цел да поттикнат и страв, да влеат сомнеж или да внесат забуна кај граѓаните во врска со одредени настани и теми. Или, пак, да ги дискредитираат институциите и процесите, било да се домашни или меѓународни“, вели Росана Алексоска, раководителка на проектот за борба против лажни наративи, во рамките на „Мост“.

Познавачите редовно укажуваат дека најплодно поле за ширење дезинформации се социјалните мрежи.

„Најголемиот проблем од аспект на манипулација, извртување на фактите, манипулација со вистината се јавува на социјалните мрежи и кај интернет порталите. Тоа го покажуваат сите мерења на содржината на медиумските објави“, додава Петковска од МИМ.


Новинарската фела стравува дека дезинформациите ќе пораснат и со кампањата за локалните избори. Како причина се наведува Изборниот законик што овозможува државни пари за политичко рекламирање да им се доделуваат и на ново-формирани онлајн медиуми.

Дел од тие медиуми, или онлајн медиуми се креираат со намена да создаваат дезинформативни наративи за да наштетат или за да придобијат некого во политичката кампања
Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.


„На ваков начин се стимулира ширењето на дезинформациите, особено ако знаеме дека дел од тие медиуми, или онлајн медиуми се креираат со намена да создаваат дезинформативни наративи за да наштетат или за да придобијат некого во политичката кампања“, укажува Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Од ЗНМ прифаќаат одговорност кај медиумските чинители, ја нагласуваат потребата од саморегулација и од регистар на професионални медиуми, но бараат и сите општествени фактори да се вклучат во процесот.

„Дека целосно ќе се уништат лажните вести, тоа е невозможно. Интернетот е океан. Тоа не е направено никаде во светот, освен во Северна Кореја, а натаму не сакаме да одиме. Токму поради тоа, ќе мораме да се носиме со таа појава, но да ги ублажуваме последиците максимално колку што е можно“, заклучува Чадиковски.

XS
SM
MD
LG